Мицкоски го посети семејството на починатиот возач на кочанската Брза помош: Иле остави пример кој нема да го заборавиме

Премиерот Христијан Мицкоски попладнево објави дека бил во посета на сопругата на починатиот возач на кочанската Брза помош, Илчо Гочевски кој што превезуваше повредени од кочанската дискотека „Пулс“. Мицкоски сподели со јавноста дека во време кога тагата не престанува, неговиот подвиг потсетува дека храброста и човечноста живеат во нашите луѓе.

-Тоа се нашите херои! Иле замина тивко, но зад себе остави пример кој нема да го заборавиме. Мојата почит и поклон за него. Почит и до сите што несебично им служат на граѓаните, стои во објавата на шефот на Владата.

На новинарско прашање пред неколку дена дали е точно дека Гочевски кој што почина од мозочен удар, возел 36 часа на денот на трагедијата, министерот за здравство Таравари информира дека во вонредна состојба сите работеле повеќе од 20 часа и дека нема точно информација колку часови работел. Вели дека е неспорно тоа што го направил за пациентите.

-Јас како министер предлагам постхумно неговото семејство да го поканам и да го одликуваме. Следната недела планирам тоа да се случи. Во вонредна состојба сите работиме и не гледаме во часовникот, рече првиот човек во македонското здравство.

Според објава на неговото семејство, Гочевски си дошол дома после тешката ноќ, легнал да спие и не се разбудил

Back to top button
Close