Мицкоски го повика Обвинителството да се позанимава со СДСМ околу изјавите за мигрантите
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека Обвинителството треба да се позанимава со изјавите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) околу темата за мигрантите.

Според Мицкоски, во Кривичниот законик ова е своевиден вид на насилство – создавање немир и паника кај граѓаните.
„Ако еднаш, двапати, три пати демантирате и континуирано се продолжува со оваа тема значи имате намера да создадете немир, паника, страв кај граѓаните. Мора кривично да одговарате за тоа“,
рече Мицкоски кој денеска беше на отворање на реконструирана полициска станица во Општина Бутел.
На новинарско прашање околу најавите дека и ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе резолуција во Собранието, исто како и СДСМ, и дали може да има некое заедничко решение, Мицкоски рече дека станува збор за тема што не постои.
Мицкоски вели дека и тој како премиер, но и министерствата за внатрешни работи и за надворешни работи веќе кажале дека ниту се водени разговори, ниту „на памет ни паѓа такво нешто“.
„Во СДСМ одлучиле нивните пи-ар експерти да ја тераат оваа тема, а во суштина тие изработиле национална стратегија за прифаќање мигранти во 2017 -2027 година, и барале услови каде би се граделе кампови. Ние сега сакаме да ја натсинхронизираме таа вистина и да кажеме дека такво нешто на оваа влада не и паѓа на памет. Тогаш бевме обвинети дека сме ксенофобични и сега наеднаш ние станавме полиберални од овие либерални левичари од СДСМ. Мислам тоа е невозможно“додаде Мицкоски прашувајќи каков ќе биде одговорот на пи-ар експертите кога во наредните месеци ќе нема мигранти.
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) и владејачката ВМРО-ДПМНЕ и денеска продолжуваат со меѓусебните обвинувања околу темата за наводно прифаќање мигранти во земјава од Велика Британија, што ја отворија тамошните медиуми.
Од опозициската партија изминативе денови преку прес-конференции и соопштенија тврдат дека Владата преговара и разговара за префрлање мигранти од Велика Британија во земјава.
Според СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски со иста техника, по моделот на Вучиќ со литиумот во Србија, сакаат да го спроведат проектот „мигранти за пари“ во Македонија. Планирано е овој потег да се реализира по изборите во јуни.





