Мицкоски: Има индиции дека марихуаната е од Македонија

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и премиерот Христијан Мицкоски во две одвоени интервјуа попладнево потврдија дека денеска ќе биде поднесена кривична пријава против 10 лица поврзани со заплената на пет тони марихуана во Србија.
„Во текот на денешниот ден ќе започне поднесување на кривична пријава до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, која опфаќа 10 лица. Двајца од нив веќе се во притвор. Овие лица се директно или индиректно поврзани со производството на дрога. Имаме основани сомненија дека се поврзани и со транспортот на дрогата што беше запленета во Србија“, изјави Тошковски во интервју за ТВ 21.
Во интервју за Канал 5, премиерот Мицкоски изјави дека постојат индиции оти марихуаната потекнува од Северна Македонија и дека ова е само почеток на поширока и опсежна акција против шверц на марихуана во рамки на меѓународна истрага.
„На граничниот премин со Србија има одреден застој. Не можам апсолутно да тврдам, но сметам дека е можно да имало асистенција од македонски службеници“, изјави Мицкоски.
На прашањето како дрогата излегла од Македонија и дали била заведена под лажна декларација, премиерот вели дека согласно граничниот систем со едно застанување, на македонско-српската граница има само една проверка на товарот – за влез во Србија го контролираат припадниците на Министерството за внатрешни работи на Србија, а влезот во Македонија – македонските. Царината, додава Мицкоски, суди врз основа на царинската декларација.
„Ако вие имате царинска декларација, пломбирано возило – тоа е тоа. Но, од другата страна на границата има начин како тоа да се провери и најверојатно е со таков тип на документ пренесена, но јас не би избрзувал со какви било коментари бидејќи истрагата е во тек. Само што почнавме, мислам дека до крајот на истрагата ќе излезат многу работи кои изминативе месеци се работеа“,изјави Мицкоски во интервјуто за Канал 5.
На прашањето дали марихуаната можела да биде пренесена во Србија без да бидат вклучени лица од македонската полиција или царина, Мицоски е дециден:
„Aпсолутно да.“
Премиерот смета дека истрагата за случајот ќе доведе до многу важни имиња кои се дел или се поврзани со опозицискиот СДСМ, дел со коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, но и со други експолитичари.
„Само тогаш да не испадне дека тоа е политички реваншизам или хајка бидејќи сè ќе биде поткрепено со докази“,додава тој.
Од Обвинителството засега не потврдуваат приведување нови лица во рамки на истрагата за канабисот, освен последните двајца за кои е изречена мерка краткотраен притвор.






