Мицкоски има законска обврска да се консултира со Ковачевски и Ахмети за техничката влада

Законот за Владата ја обврзува ВМРО-ДПМНЕ да се консултира со СДСМ и со ДУИ за техничката влада која треба да биде избрана на 28 јануари, сто дена пред парламентарните избори договорени за 8 мај годинава. Обврската се однесува на името на кандидатот за министер за внатрешни работи, а произлегува од членот 44, став 2 од Законот за Владата, пишува 360 Степени.

„Министерот за внатрешни работи го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на РСМ, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број пратеници во Собранието на РСМ“, пишува во член 44, став 2 од Законот за Владата.

На тема – средба во пресрет на формирањето на техничката влада, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска ја продолжија јавната полемика. Но, датум за средба сѐ уште нема.

Мицкоски во интервју за „Прес 24“ рече дека нема потреба од никакви тајни средби со Ковачевски бидејќи, како што рече, со него нема ништо тајно за споделување. „Јас знам дека кога и да имаме средба, за тоа ќе биде известена јавноста“, вели Мицкоски. На ова Ковачевски одговори дека не гледа потреба од тајни средби. „Кога ќе имаме средба, таа ќе се случи во јавен простор – дали во Клубот на пратеници, во Собранието, на улица ‘Македонија’ во некое кафуле“, коментираше премиерот.

 

Веќе воспоставена практика

Консултации за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за министер за внатрешни работи се случија и пред формирањето на техничката влада на почетокот на 2020 година.

Средбата на тогашниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се одржа на 28 декември 2019 година пред најавениот избор на техничката влада на 3 јануари 2020 година. Истиот ден, Мицкоски имаше разговори и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. На тие средби, првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ предложи армискиот полковник Драган Ковачки да биде министер за внатрешни работи во владата задолжена за спроведување на парламентарните избори, што не беше прифатено од СДСМ.

Мицкоски уште вечерва чека повик од Заев – дали Ковачки е прифатливо решение за МВР

Образложението на владејачката партија беше дека уставната одредба од член 97 не дозволува армиски старешина да биде на чело на ресорот за внатрешни работи:

„Со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години“.

Неколку дена подоцна, од ВМРО-ДПМНЕ стигна нов предлог за министер за внатрешни работи во техничката влада – Наќе Чулев.

Тој заедно со другите кандидати беше потврден за член на Владата на 3 јануари во пресрет на изборите кои беа договорени да се одржат на 12 април. Но, поради ковид-пандемијата, првичниот датум отпадна и изборите се случија на 15 јули 2020 година.

Back to top button
Close