Мицкоски: Информиран сум за два типа закани врз пратеници

Едниот тип закани е директен, а вториот преку посредници – вака лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги опишува притисоците врз пратеници од мнозинството, за кои говореше вчера во Охрид.

Какви притисоци има врз пратеници од владејачката коалиција кои би поддржале избори, како што вчера изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ? СДСМ во партиска реакција демантира и го обинува за „лаги”, но Мицкоски останува на истите тврдења. ДВ побара одговор од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – за каков вид притисоци станува збор?

„Има два типа на закани за кои сум информиран – едниот е директен, во смисла ќе ви се случи лошо вам и на вашите блиски ако поддржите избори, а вториот тип на закани е преку посредници на луѓе блиски до тие пратеници, нивни роднини и пријатели. Добро е што поголемиот дел се охрабрени и директно сведочат за таквиот однос. Јас сум убеден дека тие ќе останат доследни, бидејќи борбата за Македонија нема цена, а криминалците еден ден ќе зажалат за ова што го прават“, вели Христијан Мицкоски.

Според него, „дел од пратениците кои се предмет на обработка, се во грч, но и разочарувања од таквиот приод”.

„Сѐ повеќе пратеници ја сфаќаат комплицираноста на состојбите и фактот дека изборите се единственото одржливо решение за излез од состојбите. Во таа насока, пропорционално на растењето на бројот на пратеници кои се охрабруваат да говорат за потребата за избори, се случуваат и брутални, и би рекол бандитски притисоци од страна на криминални и неформални групи во форма на заплашувања, како директна порака од раководствата на СДС и ДУИ. Тоа се припадници на истите оние групи, кои непречено во овие шест години градат бизнис империја и се заштитени од прогон и допир на правдата. Тоа се истите оние луѓе кои полутајно се поздравуваат, а дел и јавно се фотографираат со истите водства од власта на партиски и други политички настани, имаат дебели полоциски досиеја и сѐ уште се на слобода и покрај десетици случаи за работа со недозволени материи, рекети и изнуди”, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Во трка со времето

Ваквиот опис тој го даде и вчера во Охрид, одговорајќи на новинарски прашања по прашањето за избори.

„Мислам дека не би имало човек во парламентот, рационален човек, кој што и сака добро на Македонија, а да не посакува избори. Но, оние полукриминални групи, коишто високото раководство на СДСМ и ДУИ ги контролираат и се дел од македонското подземје, веќе почнуваат да вршат притисок врз тие пратеници”, рече Мицкоски.

СДСМ во реакција го обвини дека пласира лаги.

„На почеток на оваа година, токму на Божиќ, Мицкоски изјави дека на крај на јануари ќе собере 61 пратеник и ќе се случи распуштање на Собранието. Еве, дојде крај на јануари нема ништо од неговите најави, нема распуштање на Собрание”, беше наведено во реакцијата на СДСМ.

На 30-ти декември лани, Мицкоски најави дека има пратеници од владејачката кои испраќаат јасни сигнали дека се подготвени да поддржат распуштање на парламентот и организирање предвремени избори. Рече дека не може да соопшти повеќе детали, за пратениците да не бидат изложени на притисоци.

„Од објективни причини не можам да зборувам за повеќе детали, имајќи го предвид фактот дека имаме комплетно ‘ДУИзирано’ обвинителство и ‘ДУИзирано и СДСМизирано’ судство, кои заедно со органите на прогон ќе вршат притисок врз тие луѓе, познавајќи го карактерот на овие луѓе од владата на ДУИ поддржана од СДСМ. Затоа ве молам за трпение, да почекаме, да видиме дали докрај ќе го изодиме овој процес. Краен датум за да имаме избори се оние датуми што ги кажавме, 14-ти и 21-ви мај “, рече Мицкоски на 30-ти декември лани.

За да се фатат законските рокови за избори во тој термин, до почетокот на февруари треба да биде извесно кој го има мнозинството. Тоа според власта е апсолутно стабилно, но внатрепартиските тензии во ДУИ и наводи за сценарио за внатрешно „поткопување на позициите на премиерот Димитар Ковачевски“, ги зголемија сомнежите во одржливоста на мнозинството. Дали тоа ќе се зацврсти со влез на Алијанса за Албанците во власта, ќе се знае наскоро. Утре ќе се одржи Централно собрание на партијата, на кое треба да се изберат партиски потпретседатели и секретари, а потоа за темата ќе се разговара во органите на партијата.

„Најважен интерес на граѓаните е земјата да успее да ги направи уставните измени и да почнеме преговори со ЕУ. Ако добиеме информации од другите партии на власт дека постои можност за обезбедување на 80 гласови, тогаш треба да им дадеме шанса на уставните измени и преговорите со ЕУ. Цениме дека со такво мнозинство ќе придонесеме полесно да се убедат и пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и целата партија да ги гласа уставните измени. Доколку нема такви шанси, тогаш не гледаме причина зашто да бидеме дел од власта,“ изјави за Телма претседателoт на АА, Арбен Таравари.

Милков: Сериозни разлики меѓу опозицијата и власта

Додека во РСМ се води битка по прашањето – избори или окрупнување на фронт за уставни измени, во однос на второто прашање отворени очекувања има соседна Бугарија. На тоа се осврна и службениот министер за надворешни работи, Николај Милков, во интервју за БТВ.

„Бугарската страна во овие години направи исклучително многу во однос на РСМ, за заштита на нашиот интерес таму и да ги заштити луѓето во РСМ кои имаат бугарска самосвест. Сакам да оддадам почит на заложбите на претседателот Румен Радев, кој една година беше сам против сите, буквално, и благодарение на кого успеавме во условите за почеток на преговорите на РСМ со ЕУ да го вклучиме и прашањето за впишување на Бугарите во Уставот. Тоа е една гаранција дека во иднина правата на тие наши сонародници ќе бидат почитувани”, рече Милков.

На забелешката дека тоа досега не се случува, даде негова оценка за причините.

„Едниот проблем во РСМ, е тоа што има сериозни разлики меѓу опозицијата и власта. Ние би сакале да преговараме со држава, а не со партии. Затоа, за разлика од Бугарија, каде што повеќе или помалку има широк консензус за нашата политика во однос на РСМ, таму нема таков. Напротив, уште полошо, краткорочно се постигнува консензус за одредени прашања кои се на наша штета – како на пример донесувањето на Законот за здруженија и фондации, кој ги обединува луѓето на антибугарска основа. Така што, работите ќе одземат многу време“, оцени Милков.

Како механизам за решавање на проблемите го посочи т.н. француски предлог, потенцирајќи дека тој е европски, поддржан од сите земји членки, прифатен и од македонскиот, и од бугарскиот парламент.

„Има механизам, но тоа не значи дека имаме решение за прашањата. И треба да го користиме тој механизам за да ги решиме. Во крајна сметка, нема временска рамка. Кога тие ќе ги исполнат обврските од Договорот од 2017 година според овој предлог, тогаш ќе можат да преминат во следната етапа за нивната евроинтеграција”, нагласи министерот.

На прашањето дали Бугарија има право на вето ако РСМ продолжи да не ги исполнува обврските, односно, „може ли Бугарија во еден момент да настапи покатегорично, затоа што тоа што се случува на моментни граничи со лудост“, Милков одговори потврдно.

„Како што постапуваше Бугарија до пред една година, така таа може и во иднина да постапува. Секоја европска држава има клуч кон решавањето на тоа прашање, и Бугарија е во тој ред. Ние во пракса може да го исползуваме фактот што политиката на проширување на ЕУ, е политика за која одлуките се носат со консензус“, рече Милков.

извор: ДВ

Back to top button
Close