Мицкоски изрази сочувство до семејствата на жртвите во масакрот во Црна Гора
Премиерот Христијан Мицкоски преку „Фејсбук“ изрази сочувство по масакрот во Црна Гора, во кој беа убиени 12 луѓе, а четворица се ранети.
-Во овие тешки мигови, од името на Владата, како и од мое лично име, изразувам најискрено сочувство до семејствата на жртвите кои го загубија најмилото. Нивната болка е неизмерна, а загубата непоправлива. Нашите мисли и молитви се со нив, како и со сите кои беа погодени од овој трагичен чин. Длабоко сочувствуваме и со граѓаните на Црна Гора кои во овој момент се соочуваат со голема тага и вознемиреност. Оваа трагедија е потсетник за важноста на заедништвото и солидарноста помеѓу народите во регионот, особено во моменти кога се соочуваме со вакви трагедии што оставаат длабоки лузни во општеството, пишува Мицкоски во објавата.
„Упатуваме поддршка до сите надлежни институции во Црна Гора кои со голема посветеност работат на расветлување на овој немил настан и на враќање на мирот и безбедноста во заедницата. Македонија стои рамо до рамо со братскиот црногорски народ во овие болни мигови и останува подготвена да понуди каква било поддршка што би била потребна. Нека почиваат во мир сите невини жртви, а на повредените им посакуваме брзо закрепнување“, вели Мицкоски