Мицкоски изрази жалење што градоначалникот на Делчево од СДСМ не дојде на настанот на кој се промовираа проекти

Премиерот Христијан Мицкоски изрази жалење што на денешниот настан во Делчево не беше присутен делчевскиот градоначалник Горан Трајковски, кој е од редовите на опозицискиот СДСМ. Мицкоски беше на увид на градежни активности во рамки на реконструкција на улици во населбата Ново Делчево.

Друштво му правеа министерот за локална самоуправа Златко Перински и пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.

 

Премиерот изрази надеж дека се работи за момент на слабост на СДСМ и дека во иднина кога ќе се промовираат проекти во општините каде што градоначалници се од редовите на опозицијата тие ќе бидат присутни.

„Се надевам дека ова е само еден момент на слабост на СДСМ и дека во другите општини каде што има градоначалник од редовите на СДСМ или од опозицијата кога ќе појдеме да ги промовираме овие проекти коишто се за граѓаните, не за политичките партии, дека сепак ќе имаме градоначалници коишто се денеска во политичките партии коишто се опозиција“рече Мицкоски.

Многу е важно, додаде тој, што Македонија се гради насекаде без разлика дали градоначалникот е од редот на власта или на опозицијата.

„Јас навистина жалам што денеска градоначалникот на Делчево не е со нас, за да покажеме дека кога нешто убаво се прави, без разлика што сме од различни политички опции дека треба да сме заедно на ваков еден убав настан, бидејќи сепак ова се проекти за граѓаните, ова не се проекти на ВМРО-ДПМНЕ, ниту на СДСМ“,додаде премиерот

Back to top button
Close