Мицкоски: Кога ќе дојдеме на власт подготвени сме да го репреговараме договорот со Бугарија


Оваа егзибиционистичка и лоша политика која ја води Владата не доведе до една ваква ситуација и ВМРО-ДПМНЕ многу пати до сега предупредуваше дека на овој начин практично билатералниот спор ќе стане мултилатерален. Односно сега ќе стане спор помеѓу Македонија и Европската Унија, нема да биде веќе Македонија и Бугарија, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Во гостување во емисијата „Отворено студио” на Националната телевизија Мицкоски посочи дека тоа е огромна и катастрофална грешка која ја направи оваа Влада, бидејќи, како што рече „не ги отпочна преговорите, повторно лажни вести кажува во јавност, односно го манипулира сопствениот народ. Ако ги отпочнеа преговорите чуму сето ова околу менувањето на Уставот и не требаше да има дополнителни услови бидејќи Албанија нема”.

Според лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ тоа значи дека земјава има дополнителен услов и дека не почнаa тие преговори што значи дека власта направи грешки и отстапки, а не добија ништо за возврат.

-Тоа што тие го погрешија, треба да го корегираме, тоа е задачата на идната Влада, тоа е задачата на ВМРО-ДПМНЕ како идна Влада да тоа го корегира, репреговара и цениме дека тука треба да има сериозен капацитет од страна на Европската Унија и поддршка од меѓународната заедница да се репреговараат тие позиции, бидејќи тие позиции и овие околности во кои сега се наоѓа Македонија не нудат европска иднина, рече Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека нема француски предлог, туку дека има бугарски договор.

-Ние сме подготвени со формирањето на новата Влада да седнеме со нашиот источен сосед и да го репреговараме оној дел кој цениме дека не нуди иднина, односно не нуди интеграција туку напротив не фрустрира. Има за обид да ја оддалечи Македонија од Европската Унија и подготвени сме буквално да инсистираме на тоа да седнеме на маса и се надеваме дека со поддршка на нашите пријатели од меѓународната заедница тоа ќе го издејствуваме, кажа Мицкоски.

Тој потенцираше дека доколку не се наиде на соговорник од другата страна, тогаш ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да собере 61 пратеник во Парламентот и да го напушти договорот со источниот сосед, бидејќи тој договор не е ниту договор за пријателство, ниту е договор за добрососедство, а тоа може да се види преку последното однесување од страна на источниот сосед.

Во врска со уставните измени за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав, Мицкоски повтори дека ставот на партијата е оти дека нема да ги поддржи затоа што не смета дека тоа е последната препрека.

-Моите студенти ми го поставуваат прашањето дали е тоа последната препрека и јас грчам рамења и не е последната препрека, затоа што тогаш следи финалето, а финалето е да не побугарчат и да не асимилираат да ни го одземат она што ни е оставено како дедовина. Не водат неуспешни политичари кои не водат без стратегија и компас во погрешен правец. Затоа се плашам дека ако вака се продолжи многумина ќе си заминат, ќе останеме празна држава без надеж и во која младите не гледаат перспектива, рече Мицкоски.

На новинарско прашање дали иако ставот на партијата е дека нема да се даде поддршка за уставните измени, може да се случи пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да гласаат, како што тоа било случај за уставните измени за Договорот со Грција, Мицкоски е дециден оти тоа е невозможно затоа што сега нема уценети пратеници кои тоа би го направиле, иако власта вели дека преговара со дел од пратениците.

-Сега немаме уценети пратеници кои за уши се носеа во пет за 12 да гласаат. И разликата од тогаш до сега е што нема други структури во партијата кои веруваат дека тој чекор е добар, рече Мицкоски, додавајќи дека сега пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата е необремената од потенцијални закани за затвор преку фингирани политички процеси, а во раководството на партијата има монолитност и кохезија по ова прашање.

Напротив, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, наместо како што вели власта дека тие разговараат со пратеници од опозицијата за уставните измени, можеби ние работиме на ново парламентарно мнозинство.

-Можеби ние работиме на некое друго мнозинство кое ќе ја распушти оваа Влада. Тоа е легитимно право и целта на опозицијата и на ВМРО-ДПМНЕ да формира ново мнозинство. Нормално е дека работиме, само внимаваме сега да не ни се случи нов „Кастриот”. Ќе биде тоа многу внимателно, да биде „блиц криг”, рече Мицкоски во гостувањето во „Отворено студио” на Националната телевизија.

Back to top button
Close