Мицкоски: Македонија е за Европската унија, но без билатерални услови
Местото на Македонија е во Европската унија, но не по секоја цена и не под услови кои ја загрозуваат националната самобитност, рече премиерот Христијан Мицкоски на денешното одбележување на 84-годишнината од Народното востание во Прилеп.
Тој во својот говор рече дека мора да се испрати јасна политичка порака дека сме за Европската унија, но без билатерални услови, но и за гаранции од Европскиот совет, за кој како што кажа доколку навистина сака да ја види земјава интегрирана во унијата, мора да испрати заклучок уште на следниот совет во кој јасно ќе се дефинира дека ниту една земја-членка нема проблем со посебниот македонски идентитет, јазик и повеќевековната култура и традиција, но и да кажат дека повеќе нема да има вето или пак препреки поради билатерални прашања. Мицкоски ја повика и соседна Бугарија да покаже вистинска европска зрелост.
„Нашиот источен сосед мора да покаже европска зрелост и вистински европски вредности и да го почитува меѓународното право кое вели дека пресудите од Судот за човекови права треба да се спроведат и конечно македонскиот народ во Западна Бугарија да го добие тоа што одамна и припаѓа, а тоа е да успеат да се здружат во заедница, а потоа да номинираат свој претставник во министерскиот совет за малцински права во бугарската Влада. Тоа се црвените линии“, рече Мицкоски.
Премиерот се осврна и на долгогодишниот процес кој земјата го поминува на патот кон интеграција во Европската Унија, кој, според него, бил обележан со нечесни удари, неправедни барања и постојани отстапки на грбот на македонскиот народ. Тој рече дека државата мора да продолжи по европскиот пат, но со достоинство и почитување на националните интереси.
Како најголема пречка на овој пат, Мицкоски го посочи прашањето со Бугарија и т.н. Француски предлог, кој бил прифатен од претходната влада на СДСМ, обвинувајќи дека тие што тогаш го поддржале, сега, преку политички маневри се обидуваат да се претстават како заштитници на идентитетот.