Мицкоски: Математички прецизно, за 325 проценти ги зголемивме пензиите
21.08.2026 13:53
535 Читање помалку од 1м
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека опозицијата „се препелка“ на отворена сцена во врска со прашањето за зголемувањето на пензиите. На новинарско барање во Прилеп да направи споредба на просечната старосна пензија во време на власта на СДСМ и ДУИ со онаа во периодот на досегашното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот одговори со бројки за кои рече дека се математички прецизни.

„Во овие две години, во овие 24-25 месеци, оваа влада успеала просечно месечно за 296 денари да ја зголеми пензијата, додека претходната влада за 83 месеци успеала за 91 денар. Кога ќе се споредат овие два параметри, доаѓаме за 3,25 пати повеќе сега отколку во времето на владата на СДСМ и ДУИ или тоа е математички прецизно – 325 проценти“ кажа премиерот.
Тој вели дека направил споредба меѓу овие две влади за зголемувањата само во однос на првите две години.
„Еве, да ги споредуваме првите 25-26 месеци од претходната влада во периодот јуни 2017 до јуни-јули 2019 година со овие 25-26 месеци од оваа влада, односно тогаш просечната старосна пензија за првите 25-26 месеци од претходната влада се зголемила за цели 540 денари. Во овие 25-26 месеци на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, просечната старосна пензија се зголемила за нешто повеќе од 6 800 денари или, математички прецизно, тоа е повеќе од 12,5 пати. Таа е разликата. Е, сега, подготвени сме за ова и да зборуваме и да ги аргументираме овие податоци“рече премиерот.





