Мицкоски му „прости“ на Китановиќ за величењето на Ратко Младиќ: Господинот се извини, да не го распнуваме

Директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, нема да биде разрешен од функцијата иако преку Фејсбук го величаше правосилно осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, бидејќи сфатил дека згрешил и се извинил. Вака премиерот Христијан Мицкоски го „ослободи“ од секаква одговорност директорот, кој пак, дури откако целата јавност го осуди неговиот став за Младиќ, го избриша статусот и му се извини на Мицкоски, наместо на граѓаните. Премиерот, пак, порача дека не треба да го распнуваме директорот и да бараме кривична одговорност таму каде што ја нема.

-Јас не сум информиран дека претставува кривично дело, но тоа што тој го кажа и тоа што владата го има како свој став е различно. Владата имаше свое соопштение. Владата е демократска, има своја дебата во рамките на коалицијата и кога ќе се донесе став за одредено прашање, сите чинители на Владата треба тој став да го следат – рече Мицкоски.

Според него, коалициската Влада треба да ги брани позициите зад кои застанала и сè друго е индивидуален став.

„Нема тука дали некој директор така кажал, дали пратениците во парламентот не гласаат, гласаат, се спротивставуваат на некој став и слично. Ако сме коалициска Влада и ако коалициски ги браниме сите позиции, тогаш секоја индивидуална акција е соло акција и индивидуален став и нема никаква врска со ставовите на Владата. И еве, господинот го повлече својот став, се извини и мислам дека сега не треба да го распнуваме за нешто и да бараме кривична одговорност за нешто за што самиот сфатил дека погрешил, се извини и го повлекол својот став“, одговори Мицкоски на новинарско прашање дали Китановиќ ќе понесе одговорност за величењето на Младиќ.

Китановиќ, по два дена молк, ја повлече објавата и му се извини на премиерот откако Владата го повика да се повлече од државната позиција ако не се согласува дека Ратко Младиќ е воен злосторник. Функционерот и натаму не признава дека Младиќ, кој почина минатата недела во Хаг на 83-годишна возраст, е воен злосторник.

Китановиќ напиша дека објавата ја избришал веднаш и оти е подготвен да поднесе одговорност за секој негов збор, но, нема, како што додава, да ја понесе одговорноста „за туѓите манипулации“ со неговите зборови. Тој негира дека со својата постапка сакал да навреди, понижи или да повреди припадник на кој било народ, вера или етничка заедница и обвини дека против ниго се повела политичка хајка.

Опозицискиот СДСМ повторно го прозва премиерот Мицкоски и го обвини дека со тоа што не побарал оставки и одговорност од министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ и директорот Китановиќ, говори дека се согласува со нивните јавно искажани ставови во врска со осудениот воен злосторник Ратко Младиќ.

Back to top button
Close