Мицкоски: МВР да ги бара тие што украле пари од РЕК „Битола“, а не свиркачите

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНе, Христијан Мицкоски вели поголем скандал од случајот со РЕК „Битола“ што го обелодени тој е тоа што надлежните институции наместо да реагираат и да ги приведат луѓето кои правеле криминал, тие се занимаваат со луѓето коишто сметаат дека ги дале информациите до ВМРО-ДПМНЕ.

Во гостување на Сител, Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија ги доставила документите и доказите за да се спроведе процедура од Јавното обвинителство.

„Симптоматично за СДСМ и Владата предводени од Зоран Заев е тоа што секогаш кога се фатени со рацете во криминал, тие ја префрлаат топката во туѓи дворови и напаѓаат други политички партии. Наместо да манипулираат со јавноста и секојдневно да лажат со цел да ги сокријат функционерите кои што крадат народни пари, нека се одважат да кажат дека во редовите имаат коруптивни личности, коишто оперираат насекаде низ државата, па и во РЕК ‘Битола’“, вели Мицкоски.

Според опозициската партија, приказната за случајот со РЕК „Битола“ почнува во 2018 година, кога на сопствениците на битолската фирма „Рубитон“, која имала добиено тендер за ископ на јаглен, им пристапил директорот на РЕК, Васко Ковачевски, барајќи од нив да се откажат од тендерот за сметка на фирмата „СВ инвест“. Откако ова барање било одбиено, зашто, како што објасниле од „Рубитон“, тоа правно било неизводливо, Ковачевски, како што брифираше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, понудил друга опција – да платат 250 000 евра, во кеш, за да можат да продолжат непречено да ја извршуваат работата според договор утврден со добиениот тендер. Ако сопствениците на „Рубитон“ не сакале нему да му ја дадат сумата, тогаш предложил парите да ги однесат во Струмица кај лицето Вице Н.

Ова стои и во документите што ги презентираше Христијан Мицкоски, за кои тој тврди дека се добиени од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност (БЈБ).

Back to top button
Close