Мицкоски најави „чешлање“ на лиценците за марихуана: Очекувам запленетите количини да достигнат и до 100 тони

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на случајот со запленетата марихуана, дали ќе има некакви одлуки на денешната седница на Владата, изјави:

„Па да, јас тоа го најавив дека во периодот којшто следи ќе се направи проверка и во други објекти. Денеска на Влада ќе се донесе тоа задолжение. Јас поради други активности нема да ја водам денешната седница, ќе ја води потпретседателот Димовски. Но, очекувам ваков тип на одлуки да бидат донесени и во деновите коишто следат да се проверат сите оние компании коишто добиле на некаков начин лиценца за да ја вршат оваа дејност.“

Премиерот Мицкоски во однос на запленетата дрога, истакна дека не би се изненадил ако дојдеме и до 100 тони запленета марихуана.

„Па неколку десетици тони, не би се изненадил ако дојдеме и до сто тони на запленета марихуана.“

На прашањето кој министер бил во тоа време којшто овозможувал олеснување на тие правила за добивање на овој тип на лиценци Мицкоски рече:

„Па јасно е кој бил, мислам можете да претпоставите дека во одреден период министер таму е и Венко Филипче. Но, лиценците се една работа, а втора работа е што е донесен Правилник којшто е ниво под Законот, односно е подзаконски акт со којшто се дозволува практично да се произведува цвет од канабис којшто не ги задоволува ГМП нормите. И тоа биле свесни дека тоа ќе се случи. И ако не ги задоволува тие норми, логично е дека со неговото користење или во процесот на екстракција, маслото коешто се произведува не може да биде лиценцирано и да се најде во продажба, односно да биде пуштено во промет. Тоа било многу јасно и на тие коишто го носеле тој Правилник. Сега вистинското прашање е, кој бил мотивот да се донесе таков Правилник ако вие знаете дека не можете да го постигнете квалитетот за да произведете масло коешто ќе се продава на пазарот и коешто ќе ги исполнува нормите. И тука треба да се направи една озбилна истрага, но ова е само почеток. Ова е само почеток, од тоа што го имаме како индиции, но и од тоа коешто Министерството за внатрешни работи го врши во истрагата, одредени телефони, одредени разговори и така натаму и друг тип на докази, работата ќе биде многу, многу поголема.“

Back to top button
Close