Мицкоски најави изградба на градинки, локални патишта, училишта, амбуланти и спортски сали во 15 општини

„Исклучително сум задоволен од постигнатото и сработеното на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Овие две години кои се заокружија беа години на решавање на многу проблеми, многу предизвици и постигнување на резултати во услови на наследени општини во хаос, жестоки блокади од централната власт, како и лоша економска состојба во Македонија“ рече меѓудругото денеска на прес-конференција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Тој најави дека „ќе се почне со градба на градинки, локални патишта, училишта, амбуланти, спортски сали кои се од огромно значење за овие 15 општини. Морам да признам дека сите овие 15 општини ги завршија проектите и истите се ревидирани и само следи формално отпочнување на истите“.

„Во општина Аеродром, кај Тимчо Муцунски ќе се отпочне со проект за доградба и надградба на нова детска градинка и тоа објектот „Изворче“ за што ќе се инвестираат 70.000.000 денари и почеток на инвестиции за проект за надградба и доградба на ООУ „Блаже Конески“ за што ќе се вложат нови 100.000.000 денари. Тоа се два нови капитални објекти за Аеродром, градинка и училиште во вредност од 170.000.000 денари. Во општина Кисела Вода, кај Орце Ѓеоргиевски се почнува со проект за доградба на градинката „8ми Март“ во населба Расадник за што ќе се инвестираат 60.000.000 денари и нов проект за изградба на ОУ „Климент Охридски“ во село Драчево за што ќе се инвестираат нови 80.000.000 денари. Двата проекти од вкупна вредност од над два милиони евра се долго очекувани и насушно потреби за жителите на Кисела Вода. И само да повторам што се однесува до овие проекти истите се завршени, ревидирани и во периодот кој што следи таму некаде втората половина на јануари месец ќе се објави јавната набавка, а некаде втората половина на март месец со што е потврдено и од самите градоначалници ќе биде ставен камен темелник и ќе започне изградбата на овие капитални проекти. Во општината Гази Баба кај Боби Стефковски, каде исто така во тек се повеќе други капитални проекти, многу скоро се започнува со нов проект за изградба на ново основно училиште „Крсте Мисирков“ за што ќе се инвестираат нови 110.000.000 денари. Значи Гази Баба добива ново основно училиште“ рече Мицкоски.

Напомена дека „во Општина Ѓорче Петров кај Александар Стојовски се започнува со проект за изградба на објект детска градинка во населено место Стопански двор за што ќе се издвојат нови 60.000.000 денари. Градинките се преполни, а сега со овој чекор се излегува во пресрет на долгогодишното барање на жителите на Стопански двор. Во општина Бутел кај Дарко Костовски се започнува со инвестиција за проект за реконструкција на детска градинка за што ќе бидат инвестирани 52.000.000 денари. Во Општина Илинден кај Александар Георгиевски се започнува со проект за изградба на амбуланта во центарот на Илинден за што ќе се инвестираат 8.000.000 денари како и проект за реконструкција на улица 9 и улица 532 кои сега се во очајно лоша состојба и за што ќе бидат инвестирани 12.000.000 денари. Или вкупно 20.000.000 денари во Илинден за градба на амбуланта и улици“.

Лидерот на опозициската партија рече дека „во Општина Штип кај Иван Јорданов се започнува со проект за изградба на спортската сала позната „Џексон” за што ќе се инвестираат околу 90.000.000 денари. Ова беше ветување и во изборната програма за Општина Штип. Во Охрид каде градоначалник е Кирил Пецаков ќе се започне со проект за реконструкција и адаптација на простор за нова училишна зграда за потребите на ООУ „Кочо Рацин” за што ќе се инвестираат 70.000.000 денари, како и изградба на училишна спортска сала во ООУ „Ванчо Николески” за што ќе се одвојат и инвестираат 20.000.000 денари. Охрид и Пецаков за овие два проекти ќе инвестира вкупно 90.000.000 денари“.

„Во Општина Битола каде градоначалник е Тони Коњановски ќе се инвестира во проект за реконструкција на улица 8 Септември во должина од 1400м, како и поставување на атмосферска канализација, водоводна инсталација, коловозна конструкција, улично осветлување, реконструкција на пропуст над Раштански порој, поставување на сообраќајна опрема и експропријација за што ќе се инвестираат 110.000.000 денари. Тоа се средства кои се обезбедени за овој проект од страна на буџетските средства кои беа дел на реструктуирање на буџетот. Инаку вкупната инвестиција таму ќе надмине околу 180 милиони денари, останатите средства општината ќе ги обезбеди од сопствениот буџет. Инаку вака на долго кажано тоа подразбира улица со сета дополнителна инфраструктура која е потребно за да биде тоа завршено. Инаку кај народот тоа е познато како влезот во Битола од страна на Прилеп нешто што со децении не е направено и сега еве ќе биде конечно почнато и завршено. Исто и во Битола, и во Охрид, и во Штип проектите се готови, процесот е започнат јавните набавки се очекуваат во втората половина на јануари, камен темелник таму некаде втората половина на март месец почетокот на април. Во Општина Прилеп кај Борче Јовчески се отпочнува со проект за изградба на фабрика за рециклирање на отпад со што ќе се реши долгогодишниот проблем со третман на отпадот во општината. За оваа цел ќе се инвестираат 90.000.000 денари“ посочи Мицкоски.

Напомена дека „луѓето кои што ги предводат општините се гаранцијата дека тоа што е ветено тоа и ќе се реализира во самите општини. Овие инвестиции се со буџетски средства, т.е парите на граѓаните. И овие проекти се само мал дел од вкупниот број на проекти кои градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ги реализираат“.

Back to top button
Close