Мицкоски: На достоинствен начин продолжуваме да го негуваме животот и делото на светите браќа Кирил и Методиј, нивната благородна мисија обединува и денес
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Охрид присуствува на одбележување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“. Тој како што информира владината прес-служба, се обрати на свечената академија „Светилник низ векови и за иднината“ што се одржа во црквата Св. Софија.
„Дозволете ми од мое лично име и од името на Владата да ви го честитам 24 Мај Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј. Чествување на браќата Кирил и Методиј кои се темелот на писменоста на словенските народи и основачи на словенската азбука Глаголица по која се создаде и кирилското писмо, е доказ дека нивната благородна мисија и ден денес обединува. Браќата Кирил и Методиј уште тогаш ја промовирале визијата дека силата на еден народ и држава е во образованието и науката и неговата писменост. И токму благодарение на нивната духовност, посветеност, денеска и ние можеме да ја развиваме сопствената култура, образование и наука на мајчиниот јазик. Нашата заложба е преку образованието кое е темелот за опстанокот и развој на една држава да создаваме идни генерации кои ќе продолжат да ги негуваат вредностите на Македонија. Овие двајца браќа, благородни по срце и ум, ни го оставија најголемиот подарок — писмото, словото, гласот на нашиот идентитет. Таа борба за право на свој глас, право на своја духовност, е основата на нашата вековна борба за самостојност, идентитет, и национално достоинство. Нивната мисија продолжува преку секој ученик што учи да чита, секој писател што твори, секој наставник што пренесува знаење. Тие не се само минато — тие се вековен мост кон иднината. Нека е честит 24 мај Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, изјави Мицкоски.