Мицкоски: Народот да биде спокоен, во вакви околности нема промена на Уставот по ниту една цена

Референдумот за отфрлање на асимилацијата која тие ја прифатија е добра можност политичката елита да покаже колку го вреднува ставот на народот дури и тогаш кога поинаку мисли од него, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по повод прославата за празникот Илинден во струшко Ташмаруништа.

Тој вели дека референдумот е огледало на немоќта на власта и на нивниот морален хазард и бегајќи од него сакаат „ да го пренесат народот жеден преку езеро“ без притоа да имаат обзир за тоа каква катастрофа прифаќаат. Според него секое бегство од референдумот е бегство од народот, а со тоа се покажува колкаво предавство се прави на Македонија и македонскиот народ.

„Јавно повикувам да поддржиме референдум. Сите заедно да повикаме и на народот да му дадеме шанса да донесе одлука и сакам уште еднаш тука да потенцирам по којзнае кој пат, народот да биде спокоен, без оглед на тоа што ќе смисли оваа власт како опструкција или отпор за референдумот, гаранцијата и блокадата за зачувување на Уставот од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се факт и тоа останува“ порача Мицкоски.

Мицкоски вели дека се подготвени да ја платат секоја цена за да ја зачуваат Македонија и македонските национални интереси, а она што денеска се случува вели е историско дежа ву за аспирациите кои одредени соседи ги имаат кон Македонија. Вели не е проблем што тие удираат, вистинската болка е тоа што Македонија е продадена од внатре.

„Во овие пет години, оваа власт е најголемата разорна атомска катастрофа која ја уназади земјата, правејќи штета на националните интереси. Кога тие тргуваа за лична корист го убиваа духот на македонскиот народ и ентузијазмот за новата држава. Го убиваа сонот на сите оние деца кои го вееја сонцето на 8-ми септември“ вели Мицкоски

Back to top button
Close