Мицкоски: Не ни треба Европа ако треба да се асимилираме

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на почетокот на денешниот протест пред Владата против францускиот предлог, обвини дека власта за ден-два од денеска ќе стави крај на Македонија. Тој вели дека собирот не е на политичка партија, туку на Македонија, и дека сите граѓани кои изминатото деноноќие дале голем отпор на францускиот предлог, се доказ дека Македонија се буди.

„Нас не ни треба Европа, ако треба да се асимилираме. Јас не сакам да бидам во Европа затоа што имам право да бидам Македонец, кој говори на македонски јазик и кој се бори за својата Македонија, за својот идентитет, за својата култура, за својата историја и за своето наследство. Тоа е она што сакам денеска да го порачам, а тоа го порачуваат и овие десетици илјади граѓани, за неколку недели од оној грандиоизен настан од 18 јуни“,изјави Мицкоски.

Тој кажа дека не го интересира пораката на Еди Рама, туку го интересира пораката на илјадниците луѓе присутни на собирот, кои велат „не“ за последниот предлог.

„Ќе почекаме, ако Европа не е подготвена да не прими нас цивилизираните Македонци, на цивилизиран и достоинствен начин, таму каде што ни е местото, а тоа е во Европа, ќе почекаме кога ќе дојдат луѓе кои го разбираат она што ние денеска сакаме да го кажеме. А тоа е Македонија пред и над сѐ, македонскиот идентитет пред и над сѐ“вели Мицкоски.

Back to top button
Close