Мицкоски не се појави на распит во полиција, испратил адвокат

Министерството за внатрешни работи за „360 степени“ потврди дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска бил повикан на распит во полициска станица во врска со случајот во кој Мицкоски беше „уловен“ како седи во внатрешноста на објект на улицата „Боемска“, спротивно на препораките за заштита од ковид-19.

Како што информираат од МВР, тој не се појавил на разговорот, туку дошол неговиот правен застапник.

-Од страна на МВР на лицето Х.М. му беше врачена покана да се јави на информативен разговор во Полициската станица Центар, денеска во 10 часот, а во врска со настанот во угостителскиот објект во Дебар Маало. Х.М не се појави во полициската станица, туку неговиот правен застапник -велат од МВР за „360 Степени.

Мицкоски беше затекнат како седи во внатрешниот дел од кафеана на почетокот на јуни, а пазарните инспектори се пожалија дека биле попречени да направат контрола во објектот.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ тогаш призна дека седел во кафеаната и рече дека не бил доволно запознаен со новите протоколи.

Back to top button
Close