Мицкоски: Нема цена со која ќе нѐ натераат да влеземе во авантура без да знаеме дека таа има извесен крај
Ставот на Владата останува непроменет и покрај пораките од претседателот на Европскиот совет – Антонио Кошта, дека уставните измени остануваат услов за продолжување на евроинтегративниот процес, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција на која беше заедно со министерката за финансии, Гордана Димитриеска – Кочоска.

Премиерот рече дека Македонија нема да влезе во процес чиј крај е неизвесен и нагласи дека нема цена што би го натерала да прифати таков пристап.
„Нашиот став е јасен и непроменет. Еве да го повторам, нема цена со која ќе нѐ натераат да влеземе во авантура без да знаеме дека таа авантура ќе има извесен крај. Не постои цена што може мене како претседател на Владата да ме натера да влезам во таква авантура во која нема да има извесен крај. Не само што ова не е единствениот услов за да влеземе во процесот и да го изодиме до крај, туку напротив, таму драматично се реализира сето тоа“, рече премиерот.
Тој ја обвини опозицијата дека работи против позициите на државата кога станува збор за одбрана на македонските национални интереси и идентитет.
„Имаме факти, имаме аргументи и ќе работиме. Ова не е спринт, ова е маратон. Потребна е стратегија, план и визија. Ова се победува со ум, а не со брзање и под притисок“, заклучи Мицкоски.






