Мицкоски: Нема да ги признаеме бројките ако се попишат и лицата што се надвор повеќе од една година

За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тие може да се евидентираат, но не и да се попишат

ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признаат бројките од попишаното нерезидентно население, бидејќи нивното регистрирање го смета за евиденција, а не за попис.

„Мојот став е дека дијаспората не може да биде дел од пописот, затоа што ако го прочитате Законот јасно кажува кој дел од лицата кои во моментот на спроведување на операцијата попис не се наоѓаат во Македонија, туку се наоѓаат надвор, можат да се попишат. Тоа се оние со времен престој, а времен престој јасно значи дека тие не го откажале живеалиштето. Сите лица што имаат повеќе од 12 месеци одјавено живеалиште во Македонија не може заедно со мене да влезат во вкупната бројка на резидентно население. И јас и ВМРО-ДПМНЕ тие бројки нема да ги признаеме. И не постои сила што мене ќе ме натера да одам спротивно од стандардите на Евростат“,соопшти денеска лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата.

Тој истакна дека сите оние што во моментот на попис се надвор, а не го одјавиле живеалиштето во изминатите 12 месеци, можат да ја користат онлајн-апликацијата, додека другите не.

„Тоа нема да го прифатам. Тоа е лажирање. Тие луѓе што го одјавиле местото на живеење во Македонија ќе бидат попишани во државата каде што се наоѓаат, а не тука. Не може тие луѓе двапати да бидат попишани. Колку и да сакаат да се трудат политичарите, малкумина, кои се дел од албанските партии, нема да успеат да ги злоупотребат чувствата на Албанците“,рече Мицкоски.

 

Back to top button
Close