Мицкоски немало да кажува што се случувало на затворениот дел на самит на НАТО. Мицотакис го кажа дека државата ја нарекувал “Северна”
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека не е коректно да политичарите кои учествувале на Самитот на НАТО да раскажуваат што се зборувало зад затворени врати, одговарајќи на изјавата на грчкиот премиер дека неговиот македонски колега на состаноците го користел уставното име на земјата, Република Северна Македонија.
„Јас нема да зборувам за тоа што се случувало внатре бидејќи е непристојно да зборувате а уште повеќе бидејќи сте под сертификат и тоа што е таму зборувано треба да остане таму зборувано. Јас не знам, ете има политичари кои што ги прераскажуваат работите кои што таму се случувале, полувистина, полуневистина и т.н. Навистина простете, но тоа што таму се случуваше не можам да кажам што се зборуваше и како се зборуваше, освен тоа да потенцирам дека Алијансата е обединета, едногласна во сите одлуки кои што беа донесени а се јавно достапни“рече Мицкоски во вечерашното интервју на ТВ Сител.
Токму грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис беше тој што на прес-конференцијата која ја одржа пред крајот на самитот со новинарите од грчките медиуми присутни во Вашингтон истакна дека македонскиот премиер Христијан Мицкоски на официјалните состаноци на сите лидери на НАТО-самитот го користел уставното име на државата.
Во гостувањето во вестите на ТВ Сител, претседателот на македонската влада Христијан Мицкоски не откри дали грчкиот премиер Мицотакис на лидерскиот форум на Самитот зборувал и го нагласил прашањето за почитувањето на Преспанскиот договор и каков бил одгласот кај партнерите од Алијансата.
„Не би можел да кажам дали имало форсирање на ова прашање или немало, но јас бев во една многу удобна позиција слушајќи ги таму дискусиите. Имав свои три излагања и мислам дека со своите излагања колку толку зедов учество, дадов вредност во целиот овој процес на НАТО Самитот и мислам дека дел од тие излагања беа и привлекоа внимание од присутните во салата“истакна премиерот, дипломатски избегнувајќи директно да одговори на прашањето.
Мицкоски појасни дека до билатерална средба со Мицотакис не дошло бидејќи најверојатно не можеле да ги усогласат агендите.
„Ние таму бевме во истите простории, на исто место, на некои 50-10 метри квадратни заедно, некогаш и поблиску, но никогаш не постоеше потреба од каков било тип на таква средба. Доколку постои, јас сум тука, на располагање сум, подготвен сум да седнам со секого и да разговарам. Но, претпоставувам дека распоредот на премиерот на нашиот јужен сосед беше премногу ангажиран и претпоставувам не најде време да се сретне со мене, да побара средба со мене“подвлече премиерот Мицкоски.