Мицкоски од Куманово: Граѓаните будно да ја следат состојбата со преговорите
Граѓаните во наредните денови будно да следат што ќе се случува и какви преговори ќе донесе Владо Бучковски со источниот сосед, ВМРО-ДПМНЕ како предводник на Влада на национално единство нема да почитува ниту збор од договореното, рече од Куманово, претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој во изјавата за медиумите пред почетокот на протсестот со автомобили ги повика граѓаните да следат што ќе се случува наредниот период.
– Овој пат сакам да ја предупредам македонската јавност, македонскиот народ, македонската нација граѓаните во Македонија дека новоименувањето на Владо Бучковски за посредник во спорот со нашиот источен сосед, човекот кој имаше осудителна пресуда, а потоа преку Врховниот суд во владеењето на Зоран Заев, а знаете како тие трас, трас одлуки се носеле во Врховниот суд беше ослободен, човекот кој беше осуден за проневера со тенковски делови за бугарските тенкови, денеска треба да го решава историскиот спор со соседна Бугарија претставува вовед во едно ново апокалиптично сценарио, вовед во едно ново предавство кое ќе треба да биде извршено и врз македонскиот народ, македонската нација и македонската држава, асимилација на македонскиот народ, рече Мицкоски.
На маса, додаде тој, се македонската историја, македонскиот јазик, традиција, обичаи и откажување од македонското национално малцинство кај нашиот источен сосед.
– Од прилика за сето ова денеска преговара Владо Бучковски по налог на Зоран Заев и тој човек не знам дали ќе успее во овие седум дена, во период кој следи секако ќе се обиде да земе дел од срамот којшто ќе биде нанесен врз македонскиот народ. Го предупредувам македонскиот народ, граѓаните на Македонија на будно следење на тоа што се спрема, што се подготвува на тоа што се подготвува на тоа што се преговара, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија ќе ја предводи идната влада што, како што рече, ќе биде влада на национално единство, нема да почитува ниту една реченица, ниту еден збор, од евентуално парче хартија кое ќе го потпишат, како што истакна, двоецот Заев и Бучковски, а кое ќе биде како што нагласи, на штета на македонскиот идентитет, јазик, традиција, обичаи.
Тој рече дека предупредувале дека ќе има штета и при самото потпишување на договорот за добрососедство со нашиот источен сосед.
– Кога предупредуваме дека само политички аматер може во договорот да вклучи разрешување на историски спорови и тие понатаму да бидат критериум за напредокот на државата во рамки на интегрирањето кон ЕУ, но за жал, тогаш бевме од Зоран Заев, брутално и грубо одбиени. Тој на еден акробатски начин го потпиша овој договор за добрососедство и гледаме дека тие историски спорови не само што не се решение, туку претставуваат и проблем, сме биле во право, но за жал тоа што сме биле во право не ја намалува штетата којашто и ја нанесе на македонскиот народ, македонската нација и на македонската држава егзибиционизмот на Зоран Заев, рече Мицкоски.
Во март месец, нагласи тој, предупредувале дека меморандумот што бил донесен во бугарскиот парламент ќе биде составен дел од преговарачката рамка, но за жал, истакна, и тогаш од страна на владејачкото мнозинство и од страна на Зоран Заев биле убедувани дека тоа не е вистина, дека тоа се лажни вести .
– Ќе продолжам оваа година, јас лично предупредив дека на состанокот помеѓу министрите за надворешни работи на Македонија и соседна Бугарија, од нашиот министер е побаран нов договор, или анекс кон договорот или некој документ којшто ќе има нова правосилна рамка и ново правосилно значење. Исто така, бев брутално навредуван од Зоран Заев и од страна на Бујар Османи и на Никола Димитров дека тоа се лажни вести, дека тоа не е вистина итн. Но, излезе дека сето тоа е било точно и дека сме биле во право, рече Мицкоски.
Пред почнувањето на протестот пред присутните зборуваа и пратеникот од Собранието, Бране Петрушевски и членот на ВМРО ДПМНЕ, Тони Михајловски кои истакнаа дека Куманово како град херој не смее да ги заборави жртвите дадени во борбата против окупаторот.