Мицкоски од Куманово: Заев и СДСМ го задолжија секое семејство за 4 500 евра
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот предизборен митинг од Куманово рече дека СДСМ и Зоран Заев зборуваат дека се најдоброто, а всушност се најлошото за Македонија затоа што петта година се на власт и потрошиле 16 милијарди евра, и ништо не направиле, освен што секое семејство го задолжиле за 4 500 евра.
„Ништо не направија за народот, а направија многу за себе. Искрадоа тоа што можеше да се искраде, распродадоа тоа што остана за распродавање. Владата на СДСМ, од 1 јуни 2017 година заклучно со 30 септември 2021 година, точно 52 месеци потроши народни пари 16 милијарди евра, тоа се пари на народот, тоа се пари на граѓаните тешко спечалени пари. Но, што направија со тие 16 милијарди. Дали некој се сеќава дека ветија нови 500 километри автопат, а не можат после 52 месеци да го завршат ни тој кој претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ го започна“,
рече Мицкоски.
Мицкоски рече дека ги нема ниту ветените инвестиции од Гугл, Фејсбук, ИКЕА, а го нема ни растот од 5 до 7% на економијата. Мицкоски ги повика кумановци на 17 октомври да му ја дадат довербата на Тони Михајловски доколку сакаат промени, проекти и подобра иднина за Куманово.
„Граѓани вие најдобро знаете дека волкот влакното го менува, но карактерот не. Доста е од овие политичари, нам ни треба нова иднина. Овие избори се шанса за промени, шанса за подобро утре. Многумина деновиве ми го поставуваат прашањето што е за тебе Христијан победа. Ќе се обидам во неколку реченици да кажам што е за мене победа. Победа е кога ќе спасиме 14 човечки животи, победа е кога грешиме, ќе се извиниме, ќе се коригираме, и ќе продолжиме понатаму. Победа е да се почитуваме и тогаш кога сме различни, победа е да создадеме вредности, принципи, да има одговорност кога треба“,
рече Мицкоски.