Мицкоски од Разловци повика на обединување околу државните интереси
Премиерот Христијан Мицкоски денеска се обрати на одбележувањето на 150-годишнината од Разловечко востание во селото Разловци, при што упати пораки за зачувување на државата, национално единство и заштита на идентитетот.

Во говорот, Мицкоски истакна дека Разловечкото востание не претставувало само оружен отпор, туку и почеток на народното будење и револуционерната борба што подоцна водела кон Илинден.
„Денес татковината не ја браниме со пушка во рака. Денес ја браниме со мудрост, со работа, со економски развој, со силни институции, со образование, со национално единство и со достоинствено водење на државата“, рече премиерот.
Тој нагласи дека народот премногу страдал за лесно да се тргува со честа, идентитетот и историјата, упатувајќи и порака за внимателност кон, како што рече, политичари кои носат одлуки зад затворени врати.
„Ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината. Ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца“, порача Мицкоски.
На настанот се обрати и министерот за култура Зоран Љутков, кој истакна дека без малите востанија немало да постојат големите победи.
Тој информираше дека за реконструкција на Спомен-домот на Разловечкото востание биле инвестирани околу 20 милиони денари.
Градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, најави иницијатива селото Разловци да биде прогласено за заштитена историска целина, а 19 мај да стане неработен ден.
Чествувањето заврши со полагање свежо цвеќе од бројни делегации пред реконструираниот Спомен-дом.






