Мицкоски: Одредени маркети ги зголемиле маржите за 2-5 отсто, тоа е недозволиво

Државниот пазарен инспекторат утврдил зголемување на бруто-маржите кај одредени синџири на маркети од 2 до 5 проценти во споредба со минатата година, информираше денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања за цените на прехранбените производи.
Премиерот најави дека претставниците на овие маркети ќе бидат повикани на состанок на кој јасно ќе им биде ставено до знаење дека ваквото однесување е недозволиво.
„Ако лани во јуни бруто маржата била 10 отсто, сега е 12 или 15 проценти. Тоа ние нема да го толерираме и ќе испратиме многу јасна порака кон нив. Кога би се намалиле тие 2 до 5 проценти, тогаш ние би биле земја со најниска инфлација во овој момент“,
изјави Мицкоски.
Тој додаде дека Владата во моментов прави детална и посложена анализа која опфаќа група од 600 до 700 производи. Како што појасни премиерот, се проверуваат влезните и излезните фактури, како и разликите меѓу маржите што ги земаат дистрибутерите и производителите наспроти оние на големите маркети.
Мицкоски посочи дека лично работи на оваа анализа и дека поради нејзината комплексност ќе биде потребно уште малку време за да се дефинираат конечните мерки.
Тој е оптимист за движењето на инфлацијата во земјата, чии параметри треба да бидат објавени за околу една недела.
„Очекувам стабилизација на инфлацијата во јуни и многу помала вредност во споредба со мај и со април. Но, ајде да почекаме да се објават тие параметри“,
истакна Мицкоски.
Пред три дена министерот за економија и труд Бесар Дурмиши најави дека ќе имаат состанок со доставувачите и производителите на кој ќе се разговара за можностите за намалување на цените на основните прехранбени производи, по минатонеделната средба со трговците.
Тој не беше прецизен кога ќе биде готов извештајот од контролите што ги спроведува Пазарниот инспекторат за причините за растот на цените, но очекува тоа да се случи за околу еден месец поради обемноста на анализата.
Според него, ќе бидат опфатени 74 групи со околу 600 до 700 основни прехранбени производи кои се дел од потрошувачката кошничка, а анализата ќе ги следи цените низ целиот синџир, од производителот до крајниот трговец.






