Мицкоски: Остануваме посветени на борбата против неправедните трговски практики и злоупотреби кои влијаат на животниот стандард

Поединечни трговци и трговски ланци се однесуваат неодговорно заработувајќи преку енормни цени на производи кои ги плаќаат граѓаните. Ова меѓу другото го разбирам и како напад врз сопствената држава, граѓаните и заедничкиот интегритет.

Растот на цените ја нагласува потребата за одлучна, одговорна и транспарентна акција. Како Влада, остануваме целосно посветени на борбата против неправедните трговски практики и злоупотребите кои директно влијаат на животниот стандард, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски во објава на Фејсбук.

Тој ова го објави по средбата, која денеска ја остварил со Комисијата за заштита на конкуренцијата, министерот за економија, заменик министерот за економија и директорот на пазарната инспекција, на која, како што посочи наложил засилени контроли и итна реакција на терен.

– Во духот на солидарноста, го разбирам повикот за бојкот на маркетите, како чин на граѓански отпор против монополското однесување и општествената неодговорност на поединечни трговци. Имам јасни сознанија дека одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни профити на грбот на граѓаните. Ова е неприфатливо и нема да биде толерирано!, напиша Мицкоски.

Нагласи дека сите кои учествувале на состанокот имаат јасна задача да го проверат однесувањето на трговците и да спречат какви било злоупотреби.

– Ќе инсистирам на транспарентност и ригорозни казни за сите кои ќе се утврди дека го изигруваат законот и ги злоупотребуваат граѓаните и добавувачите. Заедно ќе се спротивставиме на сите кои мислат дека ќе се богатат на наша сметка. Ќе се справиме со овој проблем и ќе направиме сè што е во наша моќ за да го заштитиме животниот стандард на сите наши граѓани! Во исто време, ќе продолжиме и со субвенционирање на најпогодените категории на граѓани за дополнително да ги минимизираме негативните ефекти од растот на цените, објави Мицкоски.

Тој ги повика сите надлежни институции, но и трговците, да се однесуваат со максимална одговорност и почит кон народот.

-Ова се времиња на чесност, фер игра и солидарност! Заедно ќе изградиме систем кој ќе биде во корист на сите, наспроти интересите на неколкумина кои сакаат да се богатат на маката на граѓаните!, се наведува во Фејсбук објавата.

По примерот на Хрватска, на социјалните медиуми се појавија повици утре граѓаните во земјава да не пазарат во маркетите поради високите цени, а деновиве оваа акција се проширува и на други балкански земји како Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија. Организацијата на потрошувачите на Македонија, иако не е организатор на овие активности, ги поддржува повиците за бојкот, особено што, како што вели нејзината претседателка Мирјана Лончар, граѓаните секојдневно се соочуваат со зголемување на цените на прехранбените производи.

– Организацијата на потрошувачи го поддржува граѓанскиот повик на социјалните медиуми за бојкот на маркетите. Не сме организатори на оваа акција, но ги поддржуваме граѓаните со цел да се поттикне бизнис секторот да ги намали цените на производите, особено на прехранбените производи бидејќи тие се навистина поскапени, вели Лончар во изјава за МИА.

Одите во продавница, особено во големите супермаркети, вели Лончар, и не знаете која цена ќе ве пречека.

– Иако знаеме како се формираат цените на производите сепак постои нешто што се вика стандард на граѓаните. Се надеваме дека Владата ќе ги поддржи граѓаните и ќе се направи нешто подолгорочно. На пример пролетна кошничка која би важела три месеци наместо еден, вели Лончар.

За време на полицискиот час Државниот пазарен инспекторат во секој град има дежурни екипи кои ќе вршат проверка на маркети кои работат и дали имаат соодветни дозволи, изјави директорот на држ

Мицкоски вчера на прес-конференција во Владата одговарајќи на новинарски прашања во врска со повиците за бојкот истакна дека има лично разбирање за акцијата за бојкот на маркетите в петок поради високите цени на прехранбените производи и повтори дека институциите ја следат состојбата и реагираат кај оние трговци што генерираат висок профит. Тој вчера вети дека ќе се обрати до соодветните институции за преземање мерки по прашањето дека дел од производителите се уценувани од големите ланци маркети, кои се обидувале да го изиграат законот за нефер трговски практики и им давале договори со 10 отсто маржа, но потоа нуделе специјални договори за маржа и до 45 отсто.

ВМРО-ДПМНЕ вчера соопшти дека ја поддржува иницијативата за бојкот на маркетите и нагласи дека институциите ќе ги истражат сите злоупотреби. Додаваат дека нема никаква економска причина за зголемување на цените надвор од своеволноста на трговците, која тоа го оправдува освен голиот профит на грбот на граѓаните.

Од СДСМ, пак, оценија дека акцијата за бојкот на маркетите се прелева и кај нас бидејќи Владата не ги заштитила граѓаните од зголемувањето на цените.

Back to top button
Close