Мицкоски: Ова е победа на напатениот народ и неговите соништа за кои се бориме

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски прогласи голема победа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

„Народот покажа дека Македонија е повторно Твоја. Ви благодарам мој народе, ова е заедничка победа, победа на вербата и копнежот за иднина, победа на напатениот народ и неговите соништа за кои се бориме, за нашата заедничка иднина.

Победивме во Скопје, победивме во скопски Карпош, победа и во Аеродром и Чучер-Сандево. Беше тешка и жилава борба, не сакам името да му го спомнам, Брвеница останува наша. Победивме и во Валандово, Дојран и Крушево кои досега имаа градоначалници од СДСМ, победивме и во Кочани, нашето Кочани кое мораме да го издигнеме и поткрепиме.

Имаме победа и во Лозово, Могила, Македонски брод, Росоман, Ранковце, Неготино, Чешиново-Облешево, Дебарца, Виница, Конче, Демир Капија, Пробиштип. Морам да признаам посебно силна порака, а таа е од нашето Кичево, Кичево. Падна Фатмир Дехари.

Покажавме што можеме кога сме обединети, таму соработувавме различни вери и припадности. ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, христијани и муслимани, победи соживотот и довербата во вредноста, ова е важен пример колку можеме да постигнеме доколку сме обединети. Кичево мора да биде во владиниот фокус, јас сум со вас драги Кичевчани.

Падна митот дека Кичево е нивно или наше, Кичево е на кичевчани. Таа победа е симболична, зборува за Македонија што созрева. Народот е поголем од политиката. Драги пријатели помина времето на локални шерифи. Тоа време заврши за Стевчо Јакимовски во Карпош.

Тоа е порака до сите оние кои со нечесни игри мислеа ќе го излажат народот, бомбата која ја спремаа за други им прсна во рака.

Овој резултат е порака до СДСМ: Не сум среќен поради нивниот дебакл, но тоа е одраз на реалноста дека оваа партија не се реформираше. Славиме за нова енергија, не против некоја партија, секој глас е доверба и обврска.

Секои избори се порака и до нас, да не се забегува во победата туку да ја оправдаме довербата и таа порака е разбрана.

На сите што ни дадоа поддршка ви благодарам, на сите што гласаа различно, ја почитуваме вашата одлука и ве покануваме заедно. Некои не излегоа, некои не гласаа за нас, сите ги слушнавме. Нема да ве убедуваме со зборови, туку со дела.

Затоа повикувам следниот пат ве молам не останувајте дома, бидете дел од иднината. Вечерва од тука заминувам за Брвеница и Кичево таму ќе бидам со народот. Да живее и Бог да ја благослови Македонија“, рече Христијан Мицкоски на прес-конференцијата во штабот на ВМРО-ДПМНЕ.

Back to top button
Close