Мицкоски по изјавата на Петков: Убеден сум дека ЕУ нема да дозволи билатералните проблеми да влезат во преговарачката рамка

Можеби ќе се случи таа прва меѓувладина конференција, но преговорите никогаш нема да почнат сè додека ние не прифатиме да се асимилираме и како Бугари да влеземе во рамки на ЕУ, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ коментирајќи ја вчерашната изјава на бугарскиот премиер

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека вчерашната изјава на бугарскиот премиер Кирил Петков за поместување на ветото за преговорите со ЕУ, значи дека билатералните проблеми би влегле во преговарачката рамка.

„Ако прецизно ја читате таа изјава ќе видите дека тоа што тој го зборува, го зборуваме ние како ВМРО-ДПМНЕ и јас лично месеци наназад, а тоа е дека нашите билатерални проблеми и сите барања што ги има официјална Софија ќе влезат во преговарачката рамка. Што значи дека или ќе се асимилираме односно ќе се бугаризираме и како такви ќе влеземе во ЕУ или нема за нас ЕУ и покрај тоа што ќе се случи таа прва меѓувладина конференција – изјави денеска Мицкоски.

Меѓутоа, тој вели дека е убеден дека земјите-членки нема да дозволат да се случи билатералните проблеми помеѓу Скопје и Софија да станат проблем на целата ЕУ.

„Но, јас сум убеден дека земјите-членки нема да го дозволат тоа бидејќи многу пати во минатото истите тие земји-членки кажаа дека билатералните проблеми се само билатерални и тие никако не може да бидат мултилатерални односно проблеми на земјите-членки на ЕУ со земјите кои се кандидати. Така што, ако тоа се случи и ако оваа Влада стави потпис на тој документ треба граѓаните во Македонија да знаат дека да, можеби ќе се случи таа прва меѓувладина конференција, но преговорите никогаш нема да почнат сè додека ние не прифатиме да се асимилираме и како Бугари да влеземе во рамки на ЕУ и да го прифатиме сето она што е содржано во резолуцијата на бугарскиот парламент од ноември 2019 -рече Мицкоски.

Петков во интервјуто за бугарската Нова ТВ вчера кажа дека Бугарија треба да го помести ветото за македонските евроинтеграции, а не да го подигне. Според него, бугарските барања треба да бидат вклучени во преговорите за членство на Северна Македонија со ЕУ и Европа да гарантира дека ќе бидат исполнети.

Според неговата изјава, земјава би требало да ги вметне Бугарите во Уставот пред отворањето на првото поглавје од преговорите.

„На Северна Македонија и го даваме патот кон Европа, но овој пат е поплочен со барања и обврски, јасно врамен и на тој начин ја користиме цела Европа за да го обезбедиме напредокот што го сакаме како Бугари. Ако сакаме сега да го смениме Уставот, тоа е многу тешко. Но, првото поглавје не може да се отвори без да се смени Уставот, потоа веќе ќе мора да го менуваат Уставот, не затоа што Бугарија сака, туку затоа што тоа е нивниот договор со ЕУ, кој го дефинира патот на С Македонија како земја членка – рече Петков.

 

 

Back to top button
Close