Мицкоски побара од пратениците на СДСМ да не ја прифатат предлог-преговарачката рамка

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги повика пратениците на СДСМ да не ја прифаќаат предлог-преговарачката рамка во Собранието. Тој на социјалната мрежа Фејсбук објави видео во кое вели дека доколку пратениците од владејачката партија ја одбијат предлог-преговарачката рамка, тој нема да бара предвремени парламентарни избори.

„Пратеници од СДСМ, ве повикувам да не подлегнувате на притисоците на власта и да постапите исклучиво според сопствената совест. Бидете достоинствени и не потклекнувајте на притисоците од некои челни луѓе на вашата партија. Сакам нешто да се знае, мојата цел не е борба за гола власт, туку првенствено заштита на државните и националните интереси преку отфрлање на процес кој е штетен за Македонија“ рече Мицкоски.

Според него, за овие прашања треба да се обединат сите политички чинители и да застанат на страната на народот.

„Пратеници од СДСМ, вие отфрлете ја информацијата на Владата, а јас ви ветувам дека нема да барам избори и ќе поддржам опстојување на оваа Влада, па макар било тоа и малцинска, само Македонија да не биде уценета и понижена и да не се прифати она што сега ни се нуди. Мојата понуда е чесна и искрена и таа е водена исклучиво од интересите на народот и иднината нашата Македонија“ рече Мицкоски.

Вечерва во 19 часот продолжува протестот под мотото „Ултиматум – не благодарам!“. Организаторите утрово соопштија дека за денеска е предвидено враќање на старата маршрута, од Владата преку Министерството за надворешни работи, до Собранието.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close