Мицкоски: После изборите потребен е ресет на системот, лично ќе се позанимавам со правдата
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митингот во општина Богданци зборуваше на темата за судството и обвинителството во земјава. Според него, луѓето кои ги направија предавствата на државата, кои менуваа име и Устав и кои изнесуваа милиони надвор од неа, повторно се обидуваат да го лажат народот. Тој додаде дека после локалните избори, потребен е ресет на системот.
-После овие избори лично ќе се позанимавам со правдата која за сите оние што се огрешиле е недостижна. И тоа мора да се смени, затоа што на Македонија повеќе од сè досега ѝ треба ресет на системот и не само во судството и обвинителството, туку ресет и во секоја пора од општеството. Ресет на вредностите кои ги газат и на сфаќањата кои мораат да ги променат. И само така сите ние, заедно, ќе обезбедиме иднина каква заслужуваме, целосно свесни дека ова е најважната битка на нашата генерација, која мораме да ја победиме – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека кај истите луѓе кои ја распродаваа историјата на државата, менуваа Устав и изнесуваа милиони надвор од неа, има отсуство на срам.
-Заев ветуваше живот, а овој сега неговиов наследник, Филипче, ветува среќа. Првиот ветуваше дека ќе ја заштити македонската жица од гитарата, вториот имал црвени линии со Бугарија. Првиот му ја води кампањата, а пак овој вториов слепо го следи. И нивната комоција се должи, освен на отсуството на срам, и на нивната желба за моќ, пари и богатење на грбот на народот. Просто е прашањетом, како со државна, докторска или градоначалничка, па и премиерска плата се стигнува до згради и златна виза во Дубаи? Милионски имот кој вртоглаво расте во годините кога тие се влада. Одговорот е преку криминал и неказнета корупција – рече Мицкоски.
Според него, нивната лагодност се должи на тоа што тие знаат дека имаат чувари во правосудството.
-Судот на сопственикот на омилената фирма на СДСМ и ДУИ, Марковски, кој парче по парче направи во РЕК, за сомнеж за криминал од сто милиони, му доделија куќен притвор. Да го прашам Венко, професионално ли е што за сто милиони неговиот суд му дава само куќен притвор, а за некој што украл 10 ќебапи има притвор со месеци? – праша Мицкоски.