Мицкоски: Посветени сме на градење цврсто партнерство со Турција
Ние сме посветени како држава на градење на цврсто партнерство и потврда за македонско турското пријателство на економски, политички и културен план, нагласи попладнево премиерот Христијан Мицкоски, кој е на прва официјална посета на Турција.
-Mорам да ги потврдам добрите односи меѓу двата народа. Кај нас турската заедница е лојален дел од македонското општество, исто како што и македонската заедница во Турција е значаен дел развојот на Турската држава. Јас во претседателот Ердоган гледам голем поддржувач и пријател. Неговото минато, исто како и минатото на Турција се поврзува со мојата татковина, и воедно ова е добра прилика да кажам дека тој е секогаш добредојден во Скопје, во Охрид и на било кое место кај нас, и се надевам дека тоа ќе го стори многу скоро. Уверен сум дека соработката меѓу двете држави ќе продолжи да се развива во духот на заемното почитување и заедничките интереси, со цел да обезбедиме подобра иднина за нашите граѓани, рече премиерот.
Мицкоски потенцира дека имал исклучително значајна и конструктивна средба со претседателот Ердоган и посочи оти оваа средба е потврда на традиционалното пријателство, силното партнерство и стратешката соработка меѓу нашите две земји.
-Ми претставува исклучително задоволство што ова е прва моја посета на пријателска Турција, држава со која имаме многу заеднички елементи во културата, традицијата, заеднички интереси и одлични односи на македонскиот и турскиот народ, на македонските граѓани и на турските граѓани. На средбата разговаравме за продлабочување на билатералните односи во повеќе сфери, со особен акцент на економската соработка, инвестициите и трговската размена. Турција е еден од нашите најзначајни економски партнери, но и неизоставна сила со големо влијание во регионот, а заедничката заложба е да ги зголемиме турските инвестиции во Македонија и да создадеме нови можности за македонските компании на турскиот пазар. Веќе имаме многу позитивни примери на турски компании кои работат кај нас, во делот на патната и железничката инфраструктура, а од друга страна неодамна и како што објавивме имаме соработка во делот на енергетиката со значајна и голема турска компанија за инвестиции во изградба на когенеративни гасни централи, топловодна и гасна мрежа во висина од би рекол до една милијарда долари, рече Мицкоски.
Нагласи дека со Ердоган разговарал и за унапредување на соработката во областа на безбедноста, образованието, културата и здравството. Потенцира дека двете земји се сојузници во НАТО, а нашиот заеднички приоритет е стабилноста и безбедноста во регионот.
Мицкоски и Ердоган потпишаа заедничка политичка декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво. Премиерот нагласи дека Советот ќе ја утврди стратегијата за односите меѓу Турција и Македонија во областите на политиката, безбедноста, одбраната, економијата, трговијата, енергијата, транспортот, инфраструктурата, земјоделството и шумарството, медиумите и комуникациите, туризмот, културата, науката, уметноста, младите, спортот, образованието, здравството, животната средина и дигиталната трансформација и контактите меѓу граѓаните на двете земји.
– Ова е значаен чекор за односите меѓу двете држави, а основите на ова се содржани во самиот темелен документ наречен „Стратегија за зајакнување на билатералните односи меѓу Македонија и Турција”, потпишан уште во 2008 година. Со цел да го развиеме стратешкото партнерство, донесовме одлука за основање Совет за соработка на високо ниво којшто во самиот документ носи наслов „Совет“, чија цел е продлабочување и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес на билатерално, регионално и глобално ниво. Ваквата стратегија ќе претставува основа за развој на соработката во овие области, а Советот ќе го поттикнува нејзиното спроведување, рече премиерот Мицкоски.
Ердоган оцени дека потпишувањето на политичката декларација за основање на советот многу значаен чекор со кој, како што посочи, ние можеме да ги подигнеме на уште повисоко ниво односите меѓу нашите две земји во трговијата и економијата. Истакна дека целта на документот е трговската размена која минатата година достигна околу една милијарда евра, да биде во ист сооднос меѓу двете земји.
-Минатата годна ние имавме околу една милијарда долари трговска размена и мислам дека во првата прилика мораме да ја донесеме двострано. Помеѓу двете земји постои Спогодба за слободна трговија која треба повторно да се ревидира. Денеска посебно се осврнавме и на односите кои што ги имаме во воената област и во сферата на одбранбената индустрија. Турција е една од првите земји која што ја призна независноста на Северна Македонија. Како наш соработник во НАТО, ние сме две пријателски земји кои директно влијаат врз зачувувањето на мирот на Балканот. Нашите односи над 30 години се цврсти како што е цврст и Камениот мост во Скопје, рече Ердоган.
Тој ја потенцира и важноста на турската заедница во Северна Македонија за одржувањето на блиски односи меѓу двете држави.
-Балканот не треба да се гледа како место за конкуренција помеѓу народите. Напротив, треба да биде поле за заедничка соработка и за развој. Најзначајното нешто што ги врзува двете земји се Турците коишто живеат и нивната заедница во Северна Македонија. Тие порано од Анадолија мигрирале и дошле во СМ на таа географија и формирале свои културни темели коишто не врзуваат, рече Ердоган.
Како што наведе, му напоменал на премирот во нивните разговори дека „ова наше пријателство е под притисок на ФЕТО и ние мораме да се бориме заеднички против нив“.
Двајцата се осврнале и размениле мислења за регионалните и глобалните геостратешки прашања како што е конфликтот во Украина и во Газа.