Мицкоски повика на единство од прославата за Светите Кирил и Методиј: Не барам јас единство за секое, туку за најважните прашања

„Не барам јас единство за секое, туку за најважните прашања. Единството не значи да бидеме исти, туку да бидеме заедно во нашите разлики. Мојата порака е за мобилизација на секој креативен потенцијал во функција на заедничката иднина, да постапуваме мудро и со голема енергија за промени. Да ја препознаеме важноста на моментумот, да имаме договор и консензус за иднината на државата“, рече премиерот од црквата „Света Софија“ во Охрид каде се одбележа 24 мај – Денот на сеспловенските просветители

Во црквата „Света Софија“ во Охрид денеска свечено беше одбележан 24 мај – Денот на сесловенските просветители, Светите Кирил и Методиј. Настанот се одржа во присуство на државни и црковни претставници, но и академици и дипломати.

Свое обраќање имаме премиерот Христијан Мицкоски, кој посочи дека денес го празнуваме нивното дело, делото на нашите првоучители, светилници на словенската писменост и темелот на нашата духовна и културна самобитност.

Од обраќањето на премиерот Христијан Мицкоски во црквата „Света Софија“ во Охрид

„Овие двајца браќа, благородни по срце и ум, ни го оставија најголемиот подарок-писмото, словото, гласот на нашиот идентитет“,рече тој.

Во говорот се осврна и на прашања поврзани со националниот идентитет, а цитираше и мисли од Крсте Петков Мисирков, Блаже Конески, Гане Тодоровски, како и од Ѓорѓија Пулевски, личности, за кои рече дека ја развија идејата за македонската нација, јазик и култура.

Повика на единство, разум и надминување на внатрешните поделби кои, како што нагласи, во минатото често биле причина за отстапки на национална штета.

„Ниту една наша отстапка на наша штета овие триесет години не ќе беше возможна доколку не наидоа на пукнатини во нашите редови, ќе повторам ниту една отстапка не ќе беше возможна доколку не наидоа на пукнатини во нашите редови, доколку не направеа процеп на наша штета. И запаметете сите ние сме онолку силни, колку што е силна најслабата алка во синџирот“рече тој.

Премиерот се осврна на две теми, за кои рече дека се суштествено важни за нашето постоење.

Првата се надворешните напади, блокади и негирања со кои еве повеќе од 30 години како држава се соочуваме. Тие се насочени кон разјадување на темелите на нашето постоење. Најпрво нашето знаме, народ, химна, јазик, култура.

„Мора да бидеме свесни дека многумина нашето битисување на овие простори не ги прави среќни“кажа Мицкоски.

Втората тема за која посочи се однесува на домашните превирања и на, како што рече, „внатредржавни сопки“ пред притисоците однадвор, за што рече дека е потребна единственост во позициите кај сите.

„Замислете позиција каде ќе бидеме единствени, едногласни за најважните прашања, нешто што реално не се случуваше овие повеќе од 30 години. Замислете позиција каде нема да се делиме пред надворешните фактори, нема да паѓаме во нивните очи преку математиката на броење на прозападни и происточни крвна зрнца, каде ќе ги искористуваме сите шанси кои ни ги дава историјата за приклучок кон големите процеси на европско и светско ниво. Замислете позиција каде власта и опозицијата ќе делуваат единствено, нема да имаме внатрешни процепи, каде секој политички чинител, своите слабости и не поддршка од народот нема да ја надополнува преку попустливост пред оние предизвици коишто доаѓаат од надвор“рече Мицкоски во говорот.

Според него, за да се направи исчекор напред, потребно е градење на државно и национално единство и подавање рака и клучна согласност за најважните прашања за татковината.

„Не барам јас единство за секое, туку за најважните прашања. Единството не значи да бидеме исти, туку да бидеме заедно во нашите разлики. Моите напори како човек кој ја има одговорноста да ја предводи Владата е да решам што е можно повеќе проблеми заедно со луѓето коишто се мои соработници, но и да постигнам единство важно за државата. Мојата порака е за мобилизација на секој креативен потенцијал во функција на заедничката иднина, да постапуваме мудро и со голема енергија за промени. Да ја препознаеме важноста на моментумот, да имаме договор и консензус за иднината на државата“,кажа тој.

Посочи дека нема поголем патриотизам од тоа да се обединиме за доброто на сите.

Не за поединци, не за партии, туку за нашата татковина. Нема западна или источна, нема држава на оваа или онаа партија, туку само единствена Македонија. Обединети, ние не само што ќе опстанеме, ние само така ќе победуваме.“,рече Мицкоски.

На свеченоста обраќања имаше и г.г. Стефан, поглаварот на МПЦ-ОА и ректорката на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Биљана Ангелова.

Back to top button
Close