Мицкоски повторно во кавга со правосудството – сега на мета е Уставниот суд

Повод за, условно кажано, судирот меѓу владејачката партија и Уставниот суд е одлуката на Судот да поведе постапка оценување на законитоста и уставноста на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидско осигурување, кој се однесува на линеарното зголемување на пензиите.
Откако од Уставниот суд денеска реагираа на нападите од ВМРО-ДПМНЕ во врска со поведувањето постапка за линеарното зголемување на пензиите, од владејачката партија повторно се јавија со став во кој пак посочија на уставната судијка, Добрила Кацарска, која е известител по предметот.
Реагирајќи на реакцијата на Уставниот суд, од партијата велат дека „за да биде нападнат нечиј кредибилитет, судијата треба да има кредибилитет.
„А Добрила Кацарска го изгуби (кредибилитетот) во времето кога судеше 200 години затвор за ‘27 април’ и стана преку ноќ уставен судија со што покажа дека е обичен апаратчик на минатата власт“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, судијката не само што била поддржувач на неправдата, туку и нејзин активен чинител.
„А судската тога и наметка не ја прави добар судија, туку одлуките со кредибилитет кој Кацарска ги нема“, наведуваат од владејачката партија.
Претходно денеска од Уставниот суд предупредија дека јавното дисквалификување за постапувањето во овој случај директно ги напаѓа интегритетот, самостојноста и независноста на судијата-известител Добрила Кацарска, како и на целата институција.
Во реакцијата, Судот ги оквалификува како недозволиви тезите дека „СДСМ преку Кацарска тргна во напад за укинување на зголемување на пензиите“ или „СДСМ преку Добрила Кацарска сака да ви го земе покачувањето“. Според Уставниот суд, ваквите тези создаваат погрешна перцепција за работата на институцијата.
Судот информираше дека се поднесени 17 иницијативи од граѓани за преиспитување на членот 2 од законските измени.
„Јавните прозивки кон судијата-известител или кој било судија во корелација со партиски интереси претставуваат обид за поткопување на авторитетот на Уставниот суд“,
се вели во соопштението од Уставен, од каде потенцираа дека одлуките се носат со мнозинство гласови, а не со глас на еден судија, додавајќи дека свесното пласирање манипулации е притисок и опасен преседан кога одлука која не одговара на политичките субјекти се прогласува за „партиска“.
Оттаму апелираа до политичарите „да покажат високо ниво на уставно-правна култура“, наместо да користат реторики кои поттикнуваат тензии, ја зголемуваат недовербата во системот и поттикнуваат институционална нестабилност.
Реакцијата на Уставниот суд дојде откако вчера на Комисија за финансирање и буџет во Собранието, пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека СДСМ „преку Кацарска врши опструкции со линеарното покачување на пензиите“.
„СДСМ во минатиот мандат ја постави Добрила Кацарска во Уставниот суд, продолжената рака на СДСМ во Уставниот суд, уставната судијка поднела претставка до Уставниот суд за оценување на уставноста за линеарното зголемување на пензиите. Сега кога некој дојде и им ја покачи пензијата на сите пензионери за 7 000 денари, Добрила Кацарска сега сама си поднесува претставка и сака да им ги земе на пензионерите овие покачувања. СДСМ преку Добрила Кацарска сака да ви го земе покачувањето на пензиите“, рече Стојаноски.
Уставниот суд на седница во средата поведе постапка за член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидско осигурување, кој се однесува на линеарното зголемување на пензиите, со кое редовното месечно усогласување врз основа на порастот на платите и трошоците за живот се заменува со еднаква распределба на средствата за сите пензионери, без разлика на висината на пензијата, стажот или уплатениот придонес.
На предлог на судијата-известител Добрила Кацарска, Судот одлучи по сопствена иницијатива да поведе постапка за член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, објавен во „Службен весник“ на 29.07.2025 година.






