Мицкоски: Прифаќаме минимална плата која ќе ja договорат работодавачите и работниците
На продолжениете на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе го прифати секој договорот за минимална плата помеѓу работодавачите и работниците. Ова беше одговор на прашањата на Јована Тренческа од СДСМ која го праша дали ќе се вразуми и ќе го прифати предлогот на синдикатите за зголемување на минимална плата од 500 евра.
-Минималната плата ќе биде онаа плата која што ќе ја договорат работодавачите и работниците. Ние сме страна која може да го фасилитира тој процес и како таков да го гледа и да го поддржи кога ќе заврши ако има решение. Секое решение коешто тие ќе го поддржат ние ќе го прифатиме и тука нема никаква дилема. Во понеделник има точка на дневен ред којашто се однесува на минималната плата и се надевам дека работодавачите и работниците ќе постигнат договор, кој ние ќе го поддржиме, рече Мицкоски.
Пратеничката Тренчевска праша дали ќе се прифати предлогот на СДСМ за укинување на данокот за додадена вредност (ДДВ) за прехранбрени продукти со цел да се намалат цените во маркетите. Таа побара одговор како ќе го реши Владата проблемот со високите цени, откако, како што рече, граѓаните преку бојкот се обидуваат да најдат решение.
-Легитимно право е да има граѓанска иницијатива за бојкот на маркети, имам разбирање и не гледам ништо погрешно, легитимно е да имаме граѓани кои револтот ќе го манифестираат на начин на кој тие мислат дека треба. Наша или ваша политичка оценка е дали ќе се покаже разбирање или нема. Од СДСМ освен клевета и напад не слушнав дали покажува разбирање кон тие кои повикуваат на ваква иницијатива. Јас на прес-конференција во Владата бев јасен и точен дека покажуваме разбирање со граѓаните, изјави премиерот Мицкоски одговарајќи на прашањето од пратеничката Јована Тренчевска.
Во однос на политиката за кошнички, премиерот ја потсети Тренчевска дека и тие имаа такви, но сега е разликата што се седна на маса со сите засегнати страни, а не под присила како во времето на СДСМ.
– Дали дава резултати или не, тука имаме поделено мислење, некои велат дава резултати, некои дека не дава. Она кое ние го направивме, а е различно од претходните, седнавме и со производителите и со маркетите, разговаравме и утврдивме производи кои на доверба од страна на Владата кон нив оставивме да биде дефинирана како листа ставена на располагање на граѓаните. Тоа е различно од она кое беше пракса во минатото кога се водеше политика на сила и политика на притисок, потенцираше премиерот Мицкоски.
Премиерот Мицкоски се осврна на минималната потрошувачка кошничка при што истакна дека македонската јавност треба да знае дека врз грбот на народот се прави политика од најнизок вид, како се манипулира при пресметката, а ја пресметуваат поранешни функционери од СДСМ.
– За минималната синдикална кошничка дали сте ја виделе методологијата? Ќе ви дадам одговор ако не сте ја виделе. Јас во мојот живот лубеница и црешни во јануари не сум јадел, не знам за вас во СДСМ можеби ви е вообичаена пракса. Тоа е дел од методологијата за пресметка на минималната потрошувачка кошничка која е со цени од неколку маркети кои во јавноста се познати како ексклузивни без да биде пресметана просечната цена. А ја пресметуваат Никола Попоски поранешен потпретседател на СДС, Драган Тевдовски поранешен министер за финансии од СДСМ и Бранимир Јовановиќ кој беше дел од Ленка, Левица па отиде советник кај Тевдовски, овие тројца ја пресметуваат минималната потрошувачка кошничка. Отидов во неколку маркети и ги извадив неколку производи од потрошувачката кошничка и констатирав дека само за храна и пијалаци 3.000 денари е помала сумата од тие што се декларирани во минималната синдикална кошничка односно 15 отсто помалку. Ова ќе го презентирам на Социјално-економскиот совет и тоа со слики, да се видат вистинските цени, потенцираше премиерот Мицкоски.
Пратеничката Тренческа рече дека не е задоволна од одговорите од сите три прашања, но не не постави дополнителни прашања.