Мицкоски: Принципиелен договор за ресорите со Влен и ЗНАМ има, имињата ќе се знаат утре по 20 часот

Договор со коалициските партнери Влен и ЗНАМ околу ресорите за најавената реконструкција на владата принципиелно е постигнат, но кадровските решенија и имињата на новите министри ќе бидат соопштени дури откако ќе заврши седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Одговарајќи на новинарски прашања во врска со информациите дека Влен го презема ресорот правда од ЗНАМ и што би добила партијата на Максим Димитриевски како замена, Мицкоски остана на ставот дека нема да коментира детали пред партиските тела.

„Не сме разговарале за персонални решенија за имиња. Принципиелно имаме договор околу ресорите. Јас во минатото кажав, додека не се заврши седницата на Извршниот комитет на партијата, нема да коментирам ниту ресори ниту имиња. Почекајте до утре до 20 часот, јавноста ќе биде подетално запознаена“изјави Мицкоски.

Тој одби да ги коментира и најавите на Влен, од каде што веќе јавно кажаа дека ќе раководат со шест владини ресори.

Прашан за тоа кога ќе започне промената по останатите ешалони на власта, Мицкоски појасни дека на агендата за овој месец е реконструкцијата на Владата, предвиден е ребалансот на Буџетот, а на одредени седници ќе се донивелираат и одредени реформски закони што се потребни за Реформската агенда.

„Потоа во август Собранието е на годишен одмор, така што со процесите понатаму продолжуваме од септември“,додаде тој.

Од коалицискиот партнер во Владата, Влен, во саботата најавија дека по владината реконструкција ќе раководат со шест министерства – Животна средина, Економија, Правда, Евроинтеграции, Култура и Министерството за односи меѓу заедниците.

Првиот вицепремиер, министер за европски прашања и генерален секретар на Влен, Беким Сали, рече дека во Правда и Култура ќе има нови имиња, а дека се задоволни од работата на актуелните нивни министри и оти тие ќе продолжат.

Другиот коалициски партнер во Владата од движењето ЗНАМ, пак, велат дека по владината реконструкција, движењето ЗНАМ ќе биде посилно и кадровски и со потенцијал и во располагање на директна имплементација на власта во ресорни министерства и пониски ешалони на власта.

Back to top button
Close