Мицкоски: Рамковниот договор е потсетник на една длабока вистина – дека државата ја имаме само ако ја чуваме заедно

,,Денес, 24 години по потпишувањето на Рамковниот договор, стоиме овде не само да се потсетиме на еден историски датум, туку да се потсетиме на една длабока вистина – дека државата ја имаме само ако ја чуваме заедно“, рече премиерот Христијан Мицкоски на свечената седница по повод одбележувањето на 24-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор.

,,Летото 2001 беше едно од најтешките во нашата понова историја. Нашата татковина беше разнишана од конфликт, од страв, од неизвесност. Имаше мигови кога изгледаше дека ништо нема да остане исто, дека патот кон пропаст е неизбежен. Но, тогаш, со храброст, со трпение и со визија, избравме пат на мир. Избравме пат на дијалог, на компромис, на заедништво.

За овие работи треба да се зборува отворено и без ракавици. Дали Македонците беа најсреќни со потпишување на Рамковниот договор? Убеден сум дека тоа не е така. Чувство на огорченост, гнев. Веројатно такво било чувството и кај Албанците. Системски и тешки реформи, менување на Уставот во услови на воен конфликт. Но, да зборуваме отворено, Рамковниот договор 24 години потоа донесе мир. Донесе стабилност и обезбеди зачувана унитарност на Македонија“, рече Мицкоски.

Според него, Рамковниот договор не е само лист хартија, туку е симбол на зрелост, на храброст и на мудрост. ,,Тој е потсетник дека, колку и да се разликуваме по јазик, вера, култура или етничка припадност – сите ние делиме една историја и една заедничка иднина. Тој е доказ дека Македонија може да биде дом за сите свои граѓани, и дека различностите се наша предност“, додаде Мицкоски.

Тој рече дека денес не живееме во 2001-та, но денес, исто како и тогаш, сме пред избори – не избори на хартија, туку избори во срцето и умот. ,,Ќе дозволиме ли повторно да се појават ѕидови меѓу нас? Ќе се препуштиме ли на поделби и недоверба? Или ќе го избереме патот кој тогаш го избравме – патот на заедништво, на почитување, на љубов кон татковината и меѓусебно разбирање? Овој документ, овој рамковен договор е и долго злоупотребуван договор, за жал од поединци. Над 20 години имавме структури кои го користат национализмот како најдобра прекривка за заштита на криминалот и личните интереси.

Впрочем таквиот национализам е последното прибежиште на оние кои направија кариери, стекнаа огромен капитал на грбот на народот кој го делат, и врз чии поделби опстојуваат во политиката. Со една рака пишуваат и делат во каков свет ќе се живее. Со другата, ја крадат земјата, стекнуваат имоти, хотели, трговски центри, скапи возни паркови. И не им пречи бојата на парите. Таквите поделби не ги решаваат проблемите на реалните луѓе кои бараат само едно, подобар живот за себе. Како политичар не познавам ваков или таков, мал или голем свет, туку само еден свет- Македонија, дом на сите нејзини граѓани каде имаме обврска сите да обезбедиме подобра иднина за сите нејзини граѓани. Заедно да градиме и заедно да ги решаваме проблемите. Куферите кои си заминуваат немаат националност.

Луѓето си одат, селата се празнат и Македонци и Албанци и Турци и Роми и Срби и Власи и Бошњаци и сите. Тоа се најдобрата порака на народот спрема оние кои 20 години манипулираат дека работат за нив, а постојано ги делат. Натпреварот не е кој колку може да биде радикален или да се удира во гради со простодушен национализам, туку денес битката е да ги решиме реалните проблеми, да обезбедиме подобри услови за живот, за работа, просперитет за секој Македонец, Албанец, Турчин, Ром, Србин, Влав, Бошњак и останатите наши сограѓани“, рече Мицковски.

Според него, на масата седат луѓе и партнери кои ја гледаат политиката низ призма на тоа што може повеќе да направат за народот.

,,Нема простор и нема место повеќе за поединци и структури кои манипулираа и правеа вештачки кризи, етнички и политички за да подоцна себе си се наметнуваат како решенија. Вистината токму говори, дека најголемиот белег во однос на Рамковниот договор е што оваа влада преку носењето на законот за правична застапеност ја исполни и последната обврска и нема повеќе отворени прашања во овој поглед. Како затворено поглавје, Рамковниот договор останува да сведочи за потребата за обединување и интегрирање во исполнувањето на заедничките цели. Нашата татковина не е силна затоа што сме сите исти, туку затоа што сме различни, а сепак сме заедно. Силата е во тоа што е една држава, со едно срце, но со многу бои.

 

24 години се доволно време за да сфатиме дека мирот не е нешто што се подразбира – мирот е нешто што се гради секој ден. Тој бара трпение, бара почит, бара подготвеност да се слушне и другата страна. И бара политичари, граѓани, интелектуалци, работници, студенти – сите – да ја стават иднината пред личниот интерес. Дами и господа, Овој ден не е само спомен. Овој ден е обврска. Обврска да се потсетиме на храброста на оние кои тогаш застанаа и рекоа: „Доста е со поделби, време е за мир“. Обврска да не дозволиме омразата и нетрпеливоста повторно да пуштат корен. Обврска да им оставиме на нашите деца држава која е обединета, силна и праведна. Нека знаат сите – нема македонска, нема албанска иднина, нема турска или српска иднина – има само заедничка, македонска иднина за сите нас. И таа иднина ќе биде онаква каква што ќе ја создадеме денес.

 

Денес ги повикувам сите – без разлика на вера, националност или политичка определба или политичка неопределба – да ја избереме државата пред поделбата, да ја избереме иднината пред минатото, да ја избереме љубовта кон татковината пред омразата. Историјата нè учи дека татковината не се брани со оружје – таа се брани со доверба, со почит, со визија. А визијата која ја имам за Македонија е јасна – земја каде граѓанинот е слободен, институциите се праведни, а различностите се почитуваат и слават. 24 години по Рамковниот договор, да им покажеме на сите – дома и надвор – дека остануваме верни на патот на мирот и заедништвото. Дека сме научиле од минатото, дека сме подготвени да се гледаме во очи и да кажеме: „Заедно сме посилни“. Да живее нашата заедничка татковина!“, рече Мицкоски

Back to top button
Close