Мицкоски сѐ уште не го добил писмото од Азески: Ако има објективни причини, може да се одложи примената на Законот за нефер трговски практики

Премиерот Христијан Мицкоски сè уште не го добил писмото од претседателот на Стопанската комора на Република Северна Македонија, Бранко Азески, со кое, како што вчера објави ТВ Телма, бара измени и бришење на членови во Законот за нефер трговски практики, со кој се очекува да се стави ред на проблемите на цените што постојано растат во маркетите.

 

„Јас немам добиено такво писмо. Но, ако мислите на оние појави што се случуваат кај трговските ланци што продаваат производи, без разлика дали се од македонско или од увозно производство, па за привилегирана местоположба на рафтовите наплаќаат одредена цена. Тоа претставува нефер трговска пракса. Се сложувам, тоа треба да престане. Не може едни производи да ги ставаме на крај, а други, за кои ако платите, да ги ставиме во центарот, па на тој начин тие да бидат во привилегирана положба. И на тој начин да се поткрева и цената на самиот производ. Но, такво писмо немам добиено, откако ќе го добијам, ќе го прочитам со големо внимание и потоа би можел повеќе да зборувам за неговата содржина“рече Мицкоски.

На новинарското прашање дали со писмото од Стопанската комора би можело да се издејствува пролонгирање на рокот за приспособување на Законот за нефер трговски практики, премиерот смета дека доколку постојат објективни пречки или причини, одложување на приспособувањето за некоја недела не е проблем, само да биде законот имплементиран како што треба.

„Со Азески имаме одлична комуникација на многу теми. Ова е Закон усвоен од претходната влада. Но ако објективно не може да се примени, нема со сила да правиме. Ако нема можности, така и ќе постапиме. Ако нема временски простор за имплементирање, ќе видиме уште колку е потребно за да биде успешно имплементирано. Имаме одлична комуникација со сите комори. Сакаме да градиме партнерски однос со бизнис-заедницата“,вели премиерот.

Бранко Азески, претседателот на Стопанската комора, преку писмо на четири страници, до кое дојде ТВ Телма, му сугерира на премиерот Христијан Мицкоски што не чини, а како проблем што го потенцира е периодот на приспособување на новото законско решение, односно тоа што некои измени треба да се случат во период кога не е завршена календарската година.

„Праксата на другите пазари во Европската Унија укажува на многу подолг период за усогласување со законите со кои се забрануваат одредени трговски практики. Во Република Северна Македонија преоден период не е оставен, освен за добавувачите и за купувачите кои склучувале договори за снабдување, за кои имаат обврска да ги усогласат со овој закон во рок од шест месеци од денот на неговото влегување во сила, а тоа е пред истекот на септември 2024 година“,пишува Азески во писмото до Мицкоски.

Законот за забрана на нефер трговски практики се донесе во март. Со него се очекуваше намалување на цените на прехранбените производи. Паралелно се состави и листа со над 2 500 производи чии маржи не треба да бидат поголеми од 10 отсто. Претходно Стопанската комора бараше во овој документ да бидат ставени и производите кои се со ДДВ од пет отсто.

Back to top button
Close