Мицкоски: СДСМ во три години од мандатот броеше Луј Витон ташни и куфери и носешe трас трас судски одлуки

Од СДСМ и Беса ќе слушнете се само нема да слушнете дека можат да направат повеќе за македонецот. Прашањето е што направија 3 години, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој заедно со Игор Јанушев носител на Изборната Единица 3 ја посетија Општина Зрновци.

– Еве јас ќе ви кажам дополнително стотици илјади луѓе ја напуштија Македонија. Ги броеја Луј Витон ташните и куферите, носеа трас трас судски одлуки едни за да се пресметаат со политичкиот противник, а другите за да се амнестираат себеси. Ќе ве потсетам, може сме заборавиле за она Евро за Батето. После 15 јули повторно ќе ја отвориме -рече Мицкоски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ им остави проект, обезбедени средства, договор потпишан, а тие три години не можат да го завршат експресниот пат од Штип до Кочани.

– Пред неколку години велеа дека ќе донесат и правда и мир. Со такви пароли шетаа по градовите. Гледаме дека се што донесоа е Луј Витон обвинителството и трас трас судството. Тоа е единственото нешто кое го донесоа. Наместо мир, донесоа немир. Немир во душите на семејствата на загинатите бранители од Диво Насеље, немир во душите на луѓето кои храбро ги положија животите за Република Македонија. Она исто Диво Насеље каде што Заев наместо да сочувствува за загубата на бранителите, тој се сликаше со терористите. Нека излезе јавно да каже дека се пазарел со терористите од Диво Насеље. Нека не се крие – рече Мицкоски.

Тој рече дека на ВМРО-ДПМНЕ. му треба голема победа и побара да гласаат за коализијата „Обнова за Македонија“.

– За да нема уцени за да нема закани, за да нема притисоци, пазарења и трговија, за да се заштити Македонија. Да се обнови Македонија, за правда почитување на законите и уставот. Голема победа за многу повеќе за земјоделците отколку за неранимајковците. За да имаме силна економија. За реконструкција на медицински установи, болници, училишта, училишни спортски сали, културни домови, асфалтирани патишта. Голема победа ни е потребна за да си ги вратиме децата дома. Чуми таква држава ако ни е празна – рече Мицкоски.

Мицкоски рече дека „доаѓаат политиките кога ќе има 640 милиони евра за земјоделците во еден мандат, најмалку еден универзитет во првите 1000 според Шангајската листа, 20% покачување на пензиите, 25% покачување на просечната плата.

За младите кои се вработени до 29 години, нема да има данок. Нема да плаќаат данок. Лекарите и медицинскиот персонал да си го донесеме тука. Да им овозможиме услови да работат тука. Тука ни требаат. Да донесеме правда без исклучок. Вистинска правда, која три години ја зборуваат а ја нема”.

– Сакаа да постават бројчаник за да се враќаат парите, а истите пари сега се во нивните торби и соработуваат со оние луѓе кои им помагаа да ги украдат парите. Еве јас ви ветувам дека во првите шест месеци ќе ви покажеме што значи право и правдина. За секој кој што се огрешил, ќе има одговорност – рече Мицкоски од Зрновци.

Back to top button
Close