Мицкоски се гледа на власт најмалку до 2030 година

Извесно е дека на 18. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ кој ќе се одржи в сабота, во Кавадарци, лидерот на партијата и премиер Христијан Мицкоски ќе биде реизбран за претседател на партијата, бидејќи, како што самиот потврди на брифинг со новинарите, тој е единствен кандидат за таа позиција.
Напролет премиерот планира реконструкција на Владата, при што не се исклучува можноста за рокада на ресори меѓу владините партнери. Мицкоски повтори дека предвремени парламентарни избори не планира во интерес на државата, односно поради реализација на реформската агенда на Владата.

На конгресот ќе биде усвоен документ „Стратегија Македонија 2030“, која ја содржи визијата како ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија, што значи дека се надева дека ќе владее и во 2030 година. Партиската и државната програма се опфатени во документот кој ги поставува и столбови врз кои ќе се темелат иднината на Македонија. На конгресот ќе има 860 делегати и 1.800 гости, а слоганот ќе биде „Визија што гради држава за генерација што доаѓа – 2030 година“.

– Важно за нас е дека првпат како партија немаме долгови, немаме изложеност пред банки, само што е замрзнат имотот на партијата пред судот. На власт сме година и половина, но имотот сè уште ни е замрзнат. Најверојатно судот чека предметот природно да застари, иако целосно е неправен – рече Мицкоски.

Мицкоски потврди дека ја разгледува опцијата партијата да нема потпретседатели и дека доколку се одлучи за таа варијанта, тоа би било во насока да нема фаворизација при изборот на нов лидер на партијата на следниот конгрес. Комплетното структурирање на партијата очекува да заврши кон крајот на март.

– Во април и мај ќе има реконструкција на Владата, а во дел од централните институции тоа да заврши до пред почетокот на летото, пред втората годишнина на Владата. Тоа би бил генерално составот на луѓе со кои ќе се подготвуваме за следните парламентарни избори. Ако нема некои позначајни промени, очекувам тоа да биде пролетта 2028 година – рече Мицкоски.

Чекаат иницијатива од Бугарија
Премиерот потврди дека комплетирањето на владиниот тим со двајцата нови министри ќе биде по неговото враќање од Брисел, од Самитот ЕУ- Западен Балкан, односно по 18 декември. Тој најави освежување и во партијата и во Владата, но одби да одговори колкави промени планира да направи. Тој не потврди дали ВМРО-ДПМНЕ сака да го преземе ресорот здравство, но потврди дека Орхан Муртезани го планира за друга функција, откако тој ќе се збогува со министерската фотелја во ресорот европски прашања. Неофицијално, Муртезани е можно да биде нов амбасадор во Брисел.
За реформската агенда на која интензивно работи Владата, премиерот вели дека во суштина станува збор за пари, плати и за вработувања.
За раздвижувањето во односите со Бугарија кое претходно премиерот го најави за по Нова година, вели дека нема ништо ново.

– Немаме партнер за танго. Имаше иницијатива и од Брисел и од неколку прилично влијателни земји на ЕУ за состаноци на високо ниво, за билатерални состаноци, да се седне, да се разговара, да се најде начин да се излезе од оваа состојба во којашто сме, да си ги кажеме аргументите, но до овој момент ниту тие што ова го организираа, ниту ние имаме информација дали бугарската влада е подготвена и сака да присуствува на тие состаноци – рече Мицкоски.

Прашан дали македонската влада е подготвена на директни преговори или со посредници, тој рече дека треба да се направи разлика, односно ако бараме и, како што вели Софија – ова веќе не е билатерално прашање, туку е европско – тогаш логично е да разговараме во Брисел.

– Бугарската страна вели ние можеме самите да си го решиме проблемот. Тоа значи дека е билатерално прашање, тогаш не е наше прашање со Брисел. Нека расчистат прво со себе какво е прашањето, дали е билатерално. Ако е билатерално, ние сме подготвени со нив да одиме и во Софија, немаме проблем. Ако е наше, европско, со Брисел, тогаш логично е да бидат разговорите во Брисел. Нека расчистат во Софија какво е прашањето – рече Мицкоски.

Според брифингот на премиерот, лидерот на СДСМ Венко Филипче не треба да се надева на одговор од ВМРО-ДПМНЕ за резолуцијата со црвени линии во која содржи рокови за промена на Уставот.

Back to top button
Close