Мицкоски се кити со туѓи перја, инвестицијата за литиумски батерии е договорена уште лани во септември, велат од СДСМ
Германската компанија, односно инвестиција за производство на литиумски батерии е договорена уште во септември минатата година од тогашниот вицепремиер за економски прашања Фармир Битиќи. Ова е денешната реакција од опозицискиот Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) откако премиерот Христијан Мицкоски најави дека утре ќе биде презентирана нова инвестиција на компанија која доаѓа од Германија и ќе е произведува литиумски батерии.
„Стануваат смешни и очајни обидите на Христијан Мицкоски да се накити со туѓи перја за секоја инвестиција која е договорена од СДСМ. Потпишувањето на овој значаен договор се случи во Франкфурт и претставува резултат на седуммесечен интензивен процес на преговори, започнат и успешно завршен од страна на СДСМ. Можно ли е Мицкоски толку да нема ниеден проект со кој може да се пофали, па мора да краде од СДСМ? Ќе почне ли Мицкоски да работи нешто конкретно или само ќе се занимава со манипулација на јавноста?“,се вели во соопштението од опозициската партија.
Според СДСМ, ваквите инвестиции се резултат на внимателно планирани и стратешки насочени политики, кои за време на нивното владеење биле спроведувани со цел да се привлечат технолошки напредни и одржливи компании во земјата.
„СДСМ ќе продолжи да работи на создавање нови можности за економски раст, без разлика на обидите на актуелната влада да ги присвои нашите успеси. Македонската јавност заслужува вистински информации и транспарентност, а не манипулации и празни пофалби“,велат од опозицијата.