Мицкоски се пожали: Никој од власта не ми се јавил да ме праша за заканите што ги добивам

Никој не крена слушалка, иако јавно зборував за тоа. Зошто сметаат дека нивните животи се поважни од мојот живот или од животите на членовите на моето семејство, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во гостување на МТВ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во гостување на МТВ, се пожали дека никој од власта не му се јавил да го праша за заканите што, како што вели, постојано ги добивал.

На прашање дали власта оправдано стравува од нови нереди, предизвикани од опозицијата, Мицкоски рече дека власта е единствената која создава неред во државата.

„Ако некој прави неред во овие четири години, тоа е оваа криминална влада. А ниту еден од нив не ми се јавил да ме праша за заканите што постојано ги добивам за мене и за моето семејство. Никој не крена слушалка, иако јавно зборував за тоа. Зошто сметаат дека нивните животи се поважни од мојот живот или од животите на членовите на моето семејство“, рече Мицкоски.

На прашање зошто не ги пријави заканите, тој рече дека јавно зборувал за тоа.

Од друга страна, на прашање за снимаката во која се зборува за ликвидација на премиерот Зоран Заев, Мицкоски рече дека тој може да пушти стотици такви снимки за негова ликвидација, ама дека нема зошто јавноста да се заморува со тоа.

„Јас можам да ви пуштам илјадници такви снимки за мене и за моја ликвидациа. Ние сме јавни личности. Можам да ви пуштам купишта снимки како се гоштеваат со мојата глава, се закануваат на моето семејство, ама што мора македонската јавност да ја заморуваме со тоа. Не оправдувам насилство и закани, ама се знае кој треба тоа да го расчисти“, рече Мицкоски.

Тој ги оцени како многу лоѓи состојбите во Собранието, за што го обвини мнозинството и најави дека по празниците ВМРО-ДПМНЕ ќе одлучи дали ќе поднесе интерпелација за спикерот Талат Џафери. Исто така, посочи дека Џафери, многу добро знае дека има правен основ пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ да се подели во неколку пратенички групи, затоа што веќе има таква пракса.

„Ситуацијата во Собранието е лоша, а таква е поради однесувањето на мнозинството. И нормално дека секоја нивна акција има реакција. Претседаелот на парламентот е одговорен за создавање хармонија во законодавниот дом, а не за создавање деструкција“, рече Мицкоски.

Сепак, тој рече дека е добро што се донесоа законите од петтиот пакет и најави поддршка за шесттиот пакет, посочувајќи дека тоа е последната отстапка што ќе ја направи ВМРО-ДПМНЕ, доколку и во иднина не биде консултирана за мерките што ги презема Владата, затоа што, како што рече, така било договорено на средбата со Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека сака предвремени парламентарни избори и дека опозицијата ќе работи во таа насока, независно дали тие избори би биле заедно со локалните или во друг термин, посочувајќи дека, сепак, треба да се обезбедат 61 глас за распуштање на парламентот.

Тој го критикуваше и воведувањето електронски учебници, нагласувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ, кога ќе дојде на власт ќе ги врати учебниците, а, како што најави, ќе има и кривични пријави за злоупотреба на службната должност.

Back to top button
Close