Мицкоски се распрашувал за Ненад Савески, но вели дека не го познава лично

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека лично не го познава судијата Ненад Савески, кој вчера од Владата беше избран како кандидат за нов државен јавен обвинител.

Христијан Мицкоски, премиер на Северна Македонија / Фото: Влада
Сепак, како што рече Мицкоски, од она што можел да го види од неговата биографија, но и од распрашувањето за него, Владата оценила дека Савески би можел да биде одличен јавен обвинител.

„Ги анализиравме сите кандидати, нивните биографии и заклучоците од Советот на јавни обвинители и како влада во една конструктивна дебата донесовме заклучок дека Ненад Савески може да биде соодветно решение за нов државен јавен обвинител. Јас лично не го познавам, но од ова што можев да го видам од неговата биографија, но и од распрашувањето цениме дека би можел да биде добар, да не речам одличен државен обвинител“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.

Додаде дека предлогот ќе биде доставен до парламентот овие денови.

Владата вчера го утврди судијата Ненад Савески за кандидат за нов државен јавен обвинител. Тој беше еден од четворицата кандидати за кои Советот на јавни обвинители во февруари годинава даде позитивно мислење.

Портпаролката на Владата, Марија Митева, вчера рече дека одлуката Савески да биде кандидат за нов шеф на републичкото јавно обвинителство дошла по конструктивна дискусија во која се разгледувале сите аспекти на кандидатите – од професионално искуство до личен интегритет.

Back to top button
Close