Мицкоски: Сите признаваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните парламентарни избори, па дури и власта

ВМРО-ДПМНЕ ќе победи убедливо и ќе ја предводи идната македонска влада, вели претседателот на партијата Христијан Мицкоски во интервју за весникот „Коха“.

Мицкоски ги негира тезите дека ВМРО-ДПМНЕ и да победи на изборите нема да може да состави Влада.

„Добро е што сите признаваат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните парламентарни избори, па дури и Владата. Кога политичкиот противник признава дека ќе биде поразен, ако се повикуваат на анкетите и ако прават проекција за нешто што ќе се случи после анкетите, односно после изборите, тоа подразбира дека признаваат дека ќе бидат поразени. И сега во услови како да го држат своето партиско ткиво, својата партиска структура, единствен начин им е оваа теза да ја расеменуваат во јавноста, да кажуваат: ’да, ВМРО ќе победи убедливо, ама нема да формира Влада’“вели Мицкоски.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ нема да коалицира со ДУИ или ќе има некој исклучок, со оглед на тоа што последните анкети што се објавуваат покажуваат дека ДУИ ќе биде победник во албанскиот политички блок, Мицкоски вели дека номинално бројката е таква.

Сепак, како што вели, разликите се огромни кога ќе се спореди победата на ВМРО-ДПМНЕ наспроти СДСМ и евентуалната победа на ДУИ во однос на албанскиот блок.

„Јавноста го гледа само оној дел кој е излез од анкетата, односно рејтинзите на политичките партии. Јавноста не може да го види ’влезот’ во анкетата. А тоа е прашањето за кого гласавте на последните парламентарни избори. Ако го споредите ‘влезот’ во анкетата и ‘излезот’, кај ВМРО-ДПМНЕ ќе видите дека има зголемување на тој процент. Условно кажано, на последните избори гласале 18-19 отсто, а ‘излезот’ е 23-24 отсто. Кај ДУИ ‘влезот’ е да речеме 8,5-9 отсто, а ‘излезот’ е 6,5-7 отсто, што значи дека номинално има намалување. Кога ќе се направи оваа социолошка анализа, доаѓам до заклучок дека ДУИ ќе биде непријатно изненадена од резултатот којшто ќе се случи на парламентарните избори“,додава тој.

Прашан дали мисли дека е можно да се најде партнер кај албанските партии за формирање Влада, со оглед на ставовите на ВМРО-ДПМНЕ по однос на промената на Уставот, Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ има широк спектар на потенцијал за коалиција. Но, вистинското прашање, како што рече, е дали и другите имаат потенцијал за коалицирање со најголемата политичка партија во Македонија, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ.

„Лага е тезата дека со промена на Уставот, Македонија ќе стане членка на ЕУ. Со промена на Уставот, Македонија ќе отпочне процес што никој не гарантира дека успешно ќе заврши. Тоа што ВМРО-ДПМНЕ го бара, еве да речеме и да издегистираме сето тоа што треба да се случи, ајде да видиме дали постојат гаранции дека е тоа последното. Второ, ако Бугарите бараат од нас да бидат дел од Преамбулата на Уставот, тогаш зошто тоа го бараат? Дали се човекови права во прашање? Затоа што ако се човекови права во прашање, во Европа постои референтна институција што се вика Суд за човековите права во Стразбур. И тој Суд за човекови права во Стразбур донел 14 пресуди за македонската заедница во Бугарија дека човековите права не им се почитуваат и нула за бугарската заедница во Македонија. Ајде да видиме што ќе правиме со тоа. Затоа што не можете вие да барате од нас да направиме уште една отстапка, која повторно ќе остави лузна на нашиот идентитет, а од друга страна тоа што треба да го почитувате како држава која што ја ратификувала Конвенцијата за човекови права, не го почитувате“,рече Мицкоски.

Тој додаде дека Македонија по сите отстапки заслужува да биде дел од ЕУ и рече дека се подготвени по изборите за сè да разговараат со секого.

„Ценам дека како соседи треба да се поддржуваме, а не да се опструираме. И во духот на тоа, ценам дека еден конструктивен разговор, базиран на аргументи, може да не обедини, а нè да продолжи да нè разединува. Договорите наместо да не зближат тие не разединија“,додаде Мицкоски.

Мицкоски во однос на коалициите додаде дека ВМРО-ДПМНЕ со албанските партии е во коалиција во општина Гостивар со Алијанса на Албанците на Арбен Таравари, а во општина Тетово со Билал Касами, односно движењето Беса. Кај македонските партии Мицкоски додаде дека се во коалиција во Куманово со претседателот на Движењето ЗНАМ, односно со градоначалникот Максим Димитриевски.

Тој дополни дека желба и опција на ВМРО-ДПМНЕ за коалиција по изборите се опозициските партии на Албанците.

„Знам дека можеби ова ќе биде злоупотребено од страна на одредени про-ДУИ мегафони, но да, нашата и моја лична, еве да бидам попрецизен, желба како иден коалициски партнер да бидат партиите кои се дел од албанската опозиција“додаде Мицкоски.

 

Back to top button
Close