Мицкоски со апел до МОН: Химната да се интонира во сите училишта низ државата
Вчера градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, соопшти дека на седница на Советот била донесена одлука – секој понеделник во училиштата на територијата на општината да се интонира македонската химна. На почетокот на месецот идентична одлука донесе и Општина Аеродром
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го повика Министерството за образование, по примерот на општините Аеродром и Гази Баба, во сите училишта низ државата да се воведе задолжително интонирање на националната химна. Според Мицкоски, на овој начин секој граѓанин ќе покаже почит кон основните симболи на државата.
„Јас тоа не би го партизирал бидејќи велите (се спроведува н.з.) каде што се градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, мислам дека ова треба да биде централизирана политика и министерството за образование да ја спроведе оваа политика. Мислам дека на целата територија на државата треба да има на ваков начин покажување на почит кон државата во која сите ние живееме и твориме. Апелирам до министерот за образование ова да биде државна политика во сите општини без разлика од која политичка партија доаѓа градоначалникот, да ја интонираат македонската химна. Еве нашиот стратешки партнер, САД, каде што има многу нации, сите стојат мирно и простум пред интонирањето на американската химна и сите се горди на американската химна и американското знаме. Така што, оној што не ги почитува националните атрибути на државата во која живее, тогаш имаме сериозен системски проблем,“изјави Мицкоски.
Вчера градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, соопшти дека на седница на Советот била донесена одлука – секој понеделник во училиштата на територијата на општината, да се интонира македонската химна.
„Нашата цел е да создадеме навика кај децата да од најмали нозе имаат почит и љубов кон својата татковина. Химната и на нашата Македонија се нераскинлив дел од нашиот повеќевековен идентитет и тие ја заслужуваат нашата должна почит” порача Стефковски преку Фејсбук.
На почетокот на месецот идентична одлука донесе и Општина Аеродром. Градоначалникот Тимчо Муцунски на Фејсбук објави видео од основно училиште каде што учениците наредени во училишниот двор, мирно стојат за време на интонирањето на химната. Активноста, како што напиша тој, ќе се спроведува секој понеделник, а целта е подигнување на националното чувство и љубов на децата кон Македонија.
Иницијативата за интонирање на химната во училиштата не е новитет. Во 2015 година имаше слична пракса во училиштата во скопски Аеродром, кога градоначалник беше Ивица Конески од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.