Мицкоски: Со поддршка од САД ја јакнеме економијата и меѓународната позиција

Заедничката изјава меѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија за реципрочна, фер и балансирана трговија претставува значаен исчекор во унапредувањето на билатералните економски односи и продлабочувањето на стратешкото партнерство меѓу двете земји, оценува премиерот Христијан Мицкоски.

Според него, објавата на Белата куќа е јасен сигнал за зголемена доверба и поддршка од страна на САД, како и основа за идни економски можности, нови инвестиции и зголемен извоз. Мицкоски посочува дека рамката на договорот го отвора патот кон сеопфатен трговски аранжман со тарифи кои нема да надминуваат 15 проценти, а за одредени производи и индустрии ќе бидат и целосно укинати.

„Со ваквите чекори ја зацврстуваме позицијата на Македонија како доверлив и предвидлив партнер, градиме економија со повисок стандард и ја унапредуваме нашата меѓународна позиција“, напиша премиерот на својот фејсбук-профил, додавајќи дека станува збор за политика насочена кон конкретни резултати и постепено зајакнување на соработката со стратешките сојузници.

Тој потсети дека ова следува по договорот за партнерство со Обединетото Кралство и затворањето на постмониторинг дијалогот со Советот на Европа, оценувајќи дека станува збор за континуитет на активности насочени кон зајакнување на меѓународната позиција на државата

Back to top button
Close