Мицкоски: Со Заев шансите за поместување кон позитивно се еднакви на нула

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва од Босилово, заедно со кандидатот на партијата за општина Босилово Ристо Манчев, порачаа дека преку овие избори ќе се одлучи колку народот сака промени.

-Овие избори се локални, но со едно посуштинско и подлабоко значење, бидејќи од вашиот избор, од вашата одлука зад параванот зависи колку сакате да се променат работите, нагласи Мицкоски.

Според него, додека Заев е на чело на државата, шансите за поместување кон позитивно се еднакви на нула, додавајќи дека едно што е сигурно со него е тоа дека државата тоне и не создава иднина.

Кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ за општина Босилово, Манчев на митингот нагласи дека нуди програма која е остварлива со многу работа, според која ветува дека ќе ги реши проблемите со водоснабдување, дивите депонии и јавната хигиена, а земјоделците ќе му бидат приоритет.

-Доаѓа време на промени, доаѓа време на нова надеж, време на новата генерација политичари која ќе има последна можност да ја врати довербата, честа, достоинството и гордоста на македонскиот народ. Македонија мора да продолжи напред и да се развива, затоа што македонскиот народ тоа го бара и тоа го заслужува, порача Манчев од митингот.

Back to top button
Close