Мицкоски стои зад нападите на мојата сопруга, вели Ковачевски

Премиерот денеска обвини дека лидерот на опозицијата стои зад нападите на неговата сопруга. Димитар Ковачевски посочи дека неговата сопруга Елена е цел на директни напади, а по наредба на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Според Мицкоски, нападите доаѓаат од пратениците на опозициската партија, а искажани од собраниската говорница.

 

„Јас и моето семејство сме под директен напад, особено мојата сопруга, и под директна наредба од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. До таква атмосфера дојде немајќи никакви други аргументи од страна на ВМРО-ДПМНЕ за реконструкцијата на Владата и со оглед дека нивниот претседател кажуваше дека имал 61 пратеник за да ја турне Владата, по негова наредба, дискусиите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ беа насочени директно против мојата сопруга, иако тој знае за одредени здравствени предизвици што ги имаше и ги има“, рече Димитар Ковачевски денеска одговарајќи на новинарско прашање.

 

„Во Собранието се дискутираше 11 дена. Тоа што го кажав, потоа го кажав и од говорница, но секако дека може различно да биде протолкувано. Сепак, бидејќи исклучително ја почитувам пратеничката, а рече дека е навредена, јас лично ѝ се јавив и кажав дека ако е навредена од тоа што разбрала дека сум го кажал дека ѝ се извинувам. И на претседателката на Форумот на жени на ВМРО-ДПМНЕ ѝ го кажав истото“, рече премиерот.

Но тој вели дека немало да бара извинување од Мицкоски.

„Директно под негова наредба, за мојата малолетна ќерка, во текот на јули минатата година, кога се носеше францускиот предлог, се правеа недолични видеа на апликацијата ‘Тик-ток’. И јас за ова од таков нечовек не барам извинување“, додаде Ковачевски

Back to top button
Close