Мицкоски: Трезорот не се затвора на 15 декември, ќе има К-15 за вработените

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека на 15 декември државниот трезор нема да биде затворен и дека тврдењата оти тоа се прави поради недостаток на пари се, како што рече, неточни и небулозни.

Според него, станува збор исклучиво за организациска мерка со која институциите се повикуваат навреме да ја доставуваат потребната документација, за да се прекине праксата работите да се завршуваат во последен момент.

„На 15 декември не се затвора трезорот. Добро е сите институции навреме да ги достават сите документи. Ќе има толеранција, ова не значи дека на 20 декември ќе има клуч на врата и толку. Ќе работиме со план и со свесност дека обврските мора да се завршуваат на време. Суштината е да стекнеме навика за ред“, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека во изминатите години, а особено во 2024 година, голем број обврски останале незавршени токму поради доцнењето на институциите, поради што трезорот објективно не можел навреме да ги реализира.

Притоа нагласи дека 15 декември не претставува краен рок по кој ништо нема да може да се сработи, но оти мора да се напушти функционирањето „во 5 до 12“.

Премиерот потврди и дека ќе има исплата на К-15 за вработените во државните институции, со што ги отфрли шпекулациите за наводни финансиски проблеми.

Во однос на обвинувањата од СДСМ дека трезорот се затвора поради немање средства, Мицкоски оцени дека тие се целосно неосновани.

„Тезите што се пласираат во јавноста се небулозни и неточни. Претпоставувам дека таму има луѓе кои се разбираат во економија, па не е јасно зошто вакви теми се испраќаат во јавноста“, изјави тој, додавајќи дека целта на Владата е воспоставување финансиска дисциплина, а не создавање паника кај граѓаните.

 

Back to top button
Close