Мицкоски: Три години градоначалниците имаа Влада која немаше слух
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на Саем-Отчет по повод „4 години работа за тебе“ изјави дека локалните власти предводени од градоначалници на партијата успеале да се справат со сериозни предизвици, иако најголемиот дел од мандатот го поминале без поддршка од централната власт.
„Поминавме низ еден тежок период, ги вадевме општините од бездна. Од овие четири години, три години градоначалниците имаа Влада која немаше слух, а имаше приоритети кои не беа локалните проблеми. Градоначалниците решаваа проблеми, минувавме низ сè без помош од Влада“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека најголемата вредност на овие четири години е фактот што, според него, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ немаат ниту една афера зад себе.
„Четири години подоцна можам да кажам дека одговоривте на дадената доверба, го задржавте вашиот образ. Највредната работа е што немате ниту една афера зад себе, ниту еден криминален случај, ништо што би донело срам кон партијата и граѓаните“, истакна Мицкоски.