Мицкоски убедува : Македонските граѓани што ја напуштија државата почнаа полека да се враќаат
Македонските граѓани кои во изминатата деценија ја напуштија државата, полека почнаа да се враќаат и да ја гледаат својата иднина дома, тврди премиерот Христијан Мицкоски.
Тој ги поврза позитивните статистички податоци за вработеноста со овој нов бран на повратници, нагласувајќи дека многумина од нив веќе остваруваат контакти со институциите со намера да започнат свој бизнис во Македонија.
Мицкоски посочи дека во третиот квартал од оваа година бројката на вработени достигнала 705.000, наспроти 698.000 во третиот квартал од минатата година.
„Ова е охрабрувачка вест. Минатата година во третиот квартал имало 98.000 невработени, сега има 91.000. Што значи дека бројот на вработени и невработени пропорционално се зголемува, односно намалува. Така што овој параметар е добар и охрабрувачки“, изјави премиерот.
„Охрабрува трендот што голем број од македонските граѓани последните 10 години, поради состојбата којашто беше во државата, коишто одлучија да заминат, полека се враќаат… Тоа значи дека ќе се зголемува бројот на вработени и ќе се зголемува бројот на луѓе коишто ќе отпочнат свој бизнис или пак ќе најдат начин како да работат тука дома наместо некаде надвор, бидејќи и таму гледате состојбата каква е, со многу проблеми оптоварена“, рече Мицкоски.







